На плоштадот Свети Петар во Рим, денеска се собраа над 150.000 верници, да го прослават Велигден со папата Франциско. Традиционалниот благослов „Урби ет орби“ папата го поврза со апел за мир.
Во целиот свет треба да престанат старите и новите непријателства, побара папата во својата Велигденска порака. Упатувајќи го погледот кон тензичната ситуација во Украина, папата Франциско ги повика сите страни во конфликтот, со помош на меѓународната заедница, да побараат решение преку преговори. Папата апелираше до страните во сириската граѓанска војна да прекинат со насилствата, првенствено против цивилното население. Франциско изрази надеж во позитивен резултат од преговорите за мир меѓу Израел и Палестинците.
Папата апелираше да прекинат и христијаните прогони во Нигерија и нападите врз цркви, како и киднапирањето свештеници низ цел свет.
Тој како и минатата година, се воздржа од изрекување на Велигденската порака на повеќе светски јазици, што го практикуваа неговите претходници, папата Јован Павле Втори и Бенедикт Шеснаесетти.
Верниците ширум светот годинава истовремено го продлавија христовото воскресение по јулијанскиот и грегоријанскиот календар.