Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск во неделата го осуди нападот на концертната сала во близина на Москва како „гнасен“ и „подол“ чин кој го навредува Бога, велејќи дека неговите молитви се за жртвите.
„На жртвите од полдиот гнасниот терористички напад во Москва им се молам, Господ нека ги донесе во својот мир, нека ги утеши семејствата и нека ги преобрази срцата на оние кои вршат такви нечовечки дела кои го навредуваат Бога“, рече Папата во базиликата на свети Петар по литургијата по повод Цветници според Грегоријанскиот календар, првиот ден од Страсната (Вела) седмица, која во Католичката црква се слави како спомен на свеченото влегување на Исус во Ерусалим, кога народот го пречека со палми и маслинови гранчиња.
Папата на денешната литургија го прескокна читањето на хомилијата за десетици илјади верници на Плоштадот на свети Петар, но продолжи да ја води службата.
Хомилијата, која ги толкува библиските текстови во литургии, е задолжителна проповед во христијанската литургија уште од IV век, а своите корени ги влече во јудејската практика на толкување на Тората – Петокнижието.
Последниве седмици папата боледуваше од бронхитис и грип и наместо него го задолжи својот помошник да чита обраќања до верниците, но оваа недела неговиот подготвен текст не беше прочитан.
Агенцијата Reuters забележува дека е крајно невообичаено папата целосно да ја прескокне проповедта на толку важен настан како што е Цветници.
Ватикан сѐ уште не даде објаснување за изоставувањето на хомилијата, а телевизискиот пренос наместо Франциск неколку минути ги прикажувал верниците.
Радио Ватикан тогаш објави дека папата одлучил да не ја чита проповедта, но продолжил да ја води службата читајќи делови од мисата.
Кардинали, свештеници и епископи учествуваа во богослужбата, која, според Библијата, го одбележува влегувањето на Исус во Ерусалим, неколку дена пред да биде предаден и осуден на погубување со распнување.
Црковните поглавари и верниците држеа палми и маслинки во рацете на богослужбата со која се означи почетокот на Страсната седмица, увертира на Велигден, кој христијаните го сметаат за свој најголем празник.
Папата денеска за време на литургијата седна покрај олтарот поради болки во колената, но му помогнаа кардиналите.