Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, го смени бискупот Џозеф Стрикленд од Тајлер во американската сојузна држава Тексас, еден од неговите најжестоки критичари меѓу американските католички конзервативци, соопшти Ватикан во саботата.
Многу ретко се случува римокатолички бискуп да биде разрешен од неговите должности. Вообичаено е бискупите коишто имаат недоразирања со Ватикан, прво самите да поднесат остаква којашто потоа ја прифаќа папата.
Папата ги презeма потезите како овој, кои се сметаат како драстични, кога бискупот ќе го одбие барањето самиот да поднесе оставка. Стрикленд има 65 години, 10 години помалку од просечната вообичаена возраст на којашто бискупите се повлекуваат во пензија.
Стрикленд, кој е активен и многу следен корисник на социјалните медиуми а е бискуп од 2012 година, објави на Х, тогаш Twitter, претходно годинава дека ја отфрла „програмата (на Папата) којашто го поткопува пологот на верата“.
Разрешувањето на Стрикленд следеше по наводната истрага што ја спровел Ватикан за управувањето со бискупијата Тајлер, што вклучувало ревизија на управувањето со финансиските работи, според написите на католичките медиуми.
Разрешувањето на бискупот Стрикленд истовремено го објавија Ватикан и Конференциската католичка бискупија на САД, но изостана објаснувањето за овој потег. Ниту самиот Стрикленд засега не се огласи.
Папата Франциск го именувал Џо Васкез, бискупот на Остин, за привремен управител на бискупијата Тајлер, се додава во кусото соопштение на Ватикан.