Погалаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, стана првиот папа во историјата кој во петокот се обрати пред челниците од земјите на групата Г7 на нивниот самит во Италија, предупредувајќи ги светските лидери дека на вештачката интелигенција никогаш не смее да ѝ се даде приоритет пред човештвото.
Папата рече дека вештачката интелигенција претставува „важна промена“ за човештвото, но ја истакна потребата внимателно да се следи технологијата што постојано се развива за да се зачува човечкиот живот и достоинство.
„Ниту една машина никогаш не треба да го одземе животот на човечко суштество. Би го осудиле човештвото на безнадежна иднина ако им ја одземеме способноста на луѓето да одлучуваат за себе и за своите животи, осудувајќи ги да зависат од изборот на машините“, предупреди папата додавајќи дека луѓето не треба да дозволат моќните алгоритми да ја одредат нивната судбина.
Г7 ги обединува лидерите на САД, Германија, Велика Британија, Франција, Италија, Канада и Јапонија. Покрај тоа, италијанската премиерка и домаќин на самитот Џорџа Мелони покани лидери на десет други земји да се приклучат на разговорите во петокот, вклучително и индискиот премиер и претседателите на Турција и Кенија.
При влегувањето во конференциската сала пред неговиот говор, папата беше срдечно прегрнат од аргентинскиот претседател Хавиер Милеи додека во неговата земја се одржуваат жестоки протести, го прегрна и кралот Абдула од Јордан, доби бакнеж од канадскиот премиер Џастин Трудо и имаше долг разговор со американскиот претседател Џо Бајден.
Папата Франциск ја призна амбивалентноста околу вештачката интелигенција, велејќи дека таа може да го инспирира и прошири пристапот до знаење ширум светот.
„Но, во исто време, тоа може да донесе поголема неправда меѓу напредните земји и земјите во развој или меѓу доминантните и угнетените општествени класи. Од сите зависи дали ќе ја користат вештачката интелигенција на добар начин, но одговорност на политиката е да создаде услови таквата добра употреба да биде можна и корисна“, додаде папата.
Претходно оваа година, Италија одобри нацрт-закон чија цел е да се утврдат основните правила за употреба на вештачка интелигенција, одредувајќи санкции за кривични дела поврзани со вештачката интелигенција, а Мелони постојано предупредуваше на ризиците што вештачката интелигенција ги носи на пазарот на трудот.
Во последната заедничка изјава во петокот, Г7 наведува дека ќе развие план за предвидување на идните вештини и потреби за образованието за да се искористи очекуваната револуција на вештачката интелигенција.
Папата го истакна потенцијалот на вештачката интелигенција да преземе трудоинтензивни задачи и да создаде „експоненцијален напредок во научните истражувања“, но рече дека машините, исто така, може да бидат измамени и да пренесат лажни информации. „Вештачката интелигенција не развива нови анализи или концепти, туку ги повторува оние што ги наоѓа“, рече тој, што значи дека постои опасност од легитимирање на лажните вести и зајакнување на веќе доминантните култури.