Во неговиот традиционален благослов „Urbi et Orbi“ (на латински: „Кон градот (Рим) и кон светот“), во понеделникот по повод Божик според Грегоријанскиот календар, поглаварот на Римокатоличката црква папата Франциск повика на прекин на воените операции и подобрување на хуманитарната ситуација во палестинската енклава Појасот Газа и рече дека војната е пат без одредиште, како и дека светот треба да му каже „не“ на оружјето.
Папата Франциск рече дека „преколнувајќи моли“ за ослободување на заложниците на Хамас, прекин на воените операции во Газа и подобрување на хуманитарната ситуација.
„Нека дојде (мирот) во Израел и Палестина, каде војната ги уништува животите на тие народи. Ги прегрнувам сите, особено христијанските заедници во Газа и во целата Света земја“, рече папата Франциск, повикувајќи на прекин на „разгорувањето на судирот“, а наместо тоа да се оди кон решение на палестинското прашање со силна политичка волја и поддршка од меѓународната заедница.
Папата истакна дека се моли за Украина, Сирија, Јемен, либанскиот народ и за сите земји каде што се одвиваат насилни конфликти и ги повика сите да му се придружат во молитвата за крај на сите војни во светот.
„Да му се каже ‘да’ на мирот значи да ѝ се каже ‘не’ на војната, на секоја војна. Со храброст кажете ѝ ‘не’ на војната. Војната е пат без одредиште и пораз без победник“, рече папата Франциск кој го критикуваше и зголемувањето на производството и продажбата на оружје.
„За да се каже ‘не’ на војната, треба да се каже не на оружјето“, нагласи папата.
Поглаварот на Католичката црква повика светот да биде „гласот на невините, на оние кои умреа поради недостиг од вода и храна, глас на оние кои не можат да најдат работа или ја изгубиле, глас на оние кои се принудени да ја напуштат својата татковина во потрага по подобар живот“.
Папата Франциск во својата божикна порака рече дека децата кои умираат во војни, вклучително и во Газа, се „малите Исуси на денешницата“ и дека израелските напади таму жнеат „ужасна жетва“ на невини цивили. Притоа папата го нарече „гнасен“ нападот на 7-ми октомври врз Израел од милитантите на Хамас.
Говорејќи од централниот балкон на базиликата на свети Петар пред илјадниците луѓе на плоштадот долу од кои мноштво носеа палестински знаниња, папата повика и на заштита на правата на мигрантите ширум светот.