Грчкиот претседател Каролос Папуљас изрази надеж дека во следните месеци во земјата нема да има политички немири што би можеле да ги забават напорите за излез од кризата, пишува весникот „Катимерини“.
„Треба да ја надминеме кризата и конечно да ја натераме Тројката,Европска комисија, Европска централна банка и ММФ, да си оди“, рекол шефот на државата.
„Се надевам дека ќе нема немири, бидејќи сакаме мир, за да се финализираат напорите за надминување на кризата“, додал Папуљас пред новинарите.
На прашањето дали се можни предвремени избори, 84-годишниот претседател рекол дека ќе биде таму и догодина, за да ја предаде претседателската функција на својот наследник.
Претставниците на Тројката меѓународни кредитори се очекува да пристигнат во Атина по седницата на Еврогрупата на 27 јануари.
Весникот „Етнос“ наведува дека Тројката доаѓа за нов круг консултации со Владата по финансиската состојба на Грција. Оценката на доверителите е неопходна за исплата на следната транша од заемите за земјата.