Ќе ја започнам мојава колумна со парадоксот – започна новата учебна 2023/24 година, како што заврши учебната 2022/23 година, односно како и претходната учебна година во поголем дел од учениците беа без учебници и оваа нова учебна година поголем дел на ученици се без учебници (трето и шесто одделенците, како и други) или со користење на парталосани и искинати учебници и како што говори „слугата на струшкиот градоначалник“, т.н.министер за образование и наука Јетон Шаќири, учебниците се во процедура на печатење, а кога ЌЕ се состанела Националната комисија за учебници при МОН, ќе го разгледа целиот проблем за учебниците. А, проблемот е очигледен, поголем дел на ученици во Македонија се без учебници, а наставниците ќе мора да се снаоѓаат како знаат и умеат. И во новата учебна година ќе продолжи праксата во учебниците или прирачниците, од кои ќе се учи да има погрешни податоци, особено по Историја и Географија.
Па, видите го парадоксот: „Историја во шесто одделение учениците ќе учат само во прво полугодие, а потоа следната година во седмо одделение“.
И овој т.н.министер (читајте Јетон Шаќири- експерт за тендери и играње фудбал по канцеларии заедно со Груби, Османи, Бектеши…) на неговата прес-конференција во МОН, изјавува:
„Во центарот на нашите активности се нашите деца, кои се нашата иднина на оваа држава (м.з. Како се вика оваа држава? Знам дека не знаеш. Оваа држава се вика Македонија!) Исто така: на прашање на новинарите – Дали треба да сноси одговорност? Toj им одговара: „дека не сноси одговорност за овој хаос што се случува во основното, средното стручно образование, средите училишта во делот на учебниците, како и во делот на наставните планови распоредени по предмети и часови, направени по таканаречената Концепција за основно образование“. Toj вината, одговорноста ја бара на друго место, а не во себе.
Но затоа, одговорност кон МОН и министерот најавува претседателот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), која на последната прес-конференција (на 4.09.2023г.) констатира дека од 126 учебници потребни за сите задолжителни и изборни предмети во деветогодишното основно образование, на почетокот на учебната 2023/2024 година, МОН не обезбедило 43, односно недостасуваат 34 отсто учебници. Па така, по наставни јазици учебници ќе имаат само учениците од првите и вторите одделенија. КСЗД истакнува дека со ваквиот чекор е направена дискриминација врз учениците кој е загарантиран согласно нашиот Устав.
Според извештајот, по ниту еден задолжителен предмет учебници ќе немаат учениците од шесто одделение по вклупно десет (10) наставни предмети за кои сеуште нема одобрување. Исто така, и учениците од третите одделенија ја почнуваат оваа учебна година без ниту еден учебник по сите задолжителни предмети. Учебници по Македонски, Албански, Турски и Босански јазик не се готови. Во иста фаза се и учебниците по Природни науки и Општество. Учебници по Математика ќе нема… Учебници по Македонски јазик ќе немаат учениците кои следат настава на Албански, Турски, Српски, и Босански јазик од четврто, петто и од шесто одделенија… Како и за други учебници. Во правна држава овој т.н.министер за образование треба да сноси одговорност и да си поднесе неодповиклива оставка за вакви направени образовни пропусти и злоупотреби.
Што прекршува овој министер?
По сето ова, што го прави овој т.н.министер за образование, Прво го прекршува Законот за основно образование во однос на Конвенцијата за правата на детето – основното човечко-детско право – право на образование, кој е најдобар интерес на детето.
Второ постапува спротивно на Уставот, врши дискриминација врз учениците, кои ги става во нерамноправна положба со сите деца, а тоа е со немање елементарни потреби од учебници и други помагала еднаков третман како сите деца, без разлика на национална, верска припадност. Овој министер не чувствува одговорност!? Заради ваквите негови непромислени, a свесни потези кон најдобриот интерес децата на потег и барање одговорност за покревање кривична постапка најавува и претседателот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), истото треба да го направи и да го крене гласот Народниот правобранител и други невладини организации кои третираат прашања за детските права, како и Јавното обвинителство.
Парадокси кои следат
Овој парадокс се случува во Куманово во родниот град на Димитар Ковачевски, министерот за внатрешни работи (идниот претседател на Македонија) Оливер Спасовски, како и т.н.министер за (не)образование Јетон Шаќири, кои при посета на кумановско училиште, испраќаат порака за новата учебна година, па истакнуваат: „Владата и министерството вложуваат во квалитетно образование и добри образовни политики, но за нивно успешно реализирање неопходно е сите заедно, институции и граѓани, во центарот на делувањето да го имаат најдобриот интерес на учениците“.
Пазите каков идиотизам! Па, господа КОПУЦИ, ви го поставувам прашањето: Што треба да направат граѓаните? Кој го прекршува и кој не го имплементира Законот за основно, средно, средно стручно образование. Кој го прекршува Законот за учебници? Кој го прекршува и не го применува и практикува Меѓународниот документ – Конвенцијата за правата на детето? Има и други прашања… Одговорот е јасен: Ти, Таче, твојот министер за образование и соодветните министерства и институции Вие не го гледате НАЈДОБРИОТ ИНТЕРЕС НА ДЕЦАТА! Ваквото ваше делување и потценување на граѓаните на Македонија, не е ЕВРОПСКА ПРАКТИКА. Туку племенско, нецивилизирано и нехумано однесување! Вашиот интерес се криминалот и корупцијата! Граѓаните тоа го знаат.
Или друг парадокс: Шаќири потсетува дека: „учебната година ќе трае до 17 јуни 2024година, а за прв пат, по примерот на повеќе развиени земји во светот, се воведува и пролетен распуст кој ќе трае од 29 април до 5 мај“. Шаќири искажувате најголема ГЛУПОСТ и ЛАГА! Ова е елементарно непознавање на образованието. Да те потсетам Шаќири, Таче, Оливер, дека поранешни министри и Влади пред повеќе години, ги практикуваа пролетните распусти. Како по примерот на други развиени земји. Тоа се случуваше кога вие во пелени посетувавте градинка, како што и сега така се однесувате и незнаете ништо!
Реформи да, но не неосмислени и нетемелити
Ајде да не се заборави она што сум го кажал и пишувал. Решиле да прават реформи во базичното основно образование, согласно како што велат е дел од „Концепцијата од Стратегијата на МОН за 2018- 2025 година“.
Да, има потреба од реформи во основното образование. Но, не диктаторски. Како што го правеше Мила Цароска, а сега го продолжува наследникот на Мила, Јетон Шаќири.
Господа, несоодветни министри (поранешна Мила и сегашен Јетон). Реформите кои на сила ги туркате треба да бидат осмислени и темелити. Кога велам темелити, мислам на сеопфатност на целосна согледаност на состојбите во базичното основно образование во Република Македонија. Во каква состојба ни се основните училишта во Република Македонија? Па така, поранешната министерка Мила Цароска се истрча, дека тоа мора да биде „веднаш и сега“. Никако поинаку. По нејзините постапки – арогантни, постапува и овој министер Јетон Шаќири, односно спроведуваат владина политика.
Па така, спроведувајќи го владиниот концепт со неколку т.н. „експерти“ (читај тезгачи – одат таму каде што има пари), решиле да прават „реформи во основното образование по теркот на Финска, Норвешка и други развиени европски земји, со некакво интегрирање на предмети: Хемија, Физика, Биологија, Географија во Природни науки… И како што милуваат да речат :„сето тоа го прават во интерес на децата“ и понатаму го туркаат неосмислено и нетемелито.
Од наведените прашања во делот на т.н концепција „реформи во основното образование по теркот на Финска…“, Цароска, како и т.н. „експерти“, ретерираат во нивните изјави, дека не е по фински, затоа што добија „заушка и шамар“ од финските експерти дека наставните предмети: Историја, Географија, Хемија, Физика и слично се посебни предмети согласно Наставниот План и Програма, како и од други европски земји. И дека сите наставни предмети си имаат своја методологија. Лагата на Цароска ја продолжува и Јетон Шаќири на овие т.н. експерти и оние од Бирото за развој на образованието. Што би рекле учениците и студентите: „Кој лаже тој и …..“.
Откако, Бирото за развој на образованието (БРО) го објави Наставниот План за шестто (6) одделение, каде што може да се види дека од оваа учебна година, шесттооделенците ќе учат Физика, Хемија, Биологија и Географија во еден предмет наречен Природни науки, а Историјата воопшто ја нема како предмет?
И сега пак, како и пред некоја година, кога МОН го водеше арогантната Цароска, а сега Јетон Шаќири, не стивнуваат реакциите од Природно-математичкиот факултет при УКИМ-Скопје, односно од нивните струкови друштва за Географија, Биологија, Физика и Хемија и другите институти кои се во неговиот состав, преземаат активности за запирање на реализација на концепцијата заклучно со шестто одделение, така што во продолжение наставните планови во седмо, осмо и деветото одделение би останале непроменети.
Според наставните програми за предметот Природни науки за шестто одделение, објавен од страна на БРО, децата ќе имаат три часа неделно по овој предмет, а предметот може да го предава лице со завршен факултет за некоја од четирите Природни науки. Тоа значи дека некој што студира, на пример, двопредметни студии Физика – Информатика, ќе треба да има познавање и од Географија и од Биологија и од Хемија и да предава Природни науки? Парадокс!
И од наведеното може да се констатира дека МОН и БРО, го изготвуваат образовниот концепт за шесттото одделение, без консултација и мислење на стручните експерти од струковите друштва (за Географија, Биологија, Физика и Хемија) при соодветните предмети на Природно-математичкиот факултет(ПМФ) при УКИМ-Скопје и други соодветни Факултети и институти. Со право се писмените реакции од страна на струковите друштва до надлежните државни институции, како и реализација на непосредни разговори на највисоко ниво. Се надевам дека тие активности на стручните експерти ќе придонесат за зачувување на статусот на наставните предмети: Географија, Физика, Биологија и Хемија.
И по ова, видите ПАРАДОКС, го слушам и не ми се верува што зборува директорот на БРО, Зеќирија Хасипи, дека: „со новата Концепција, им се овозможува шанса на наставниците да изработат програми од слободни изборни предмети и со тие програми може некој наставник да има полн фонд на часови. Овие предмети ќе ги предаваат истите наставници, ќе бидат модулирани, но секој ќе си го предава својот предмет и својата тема“. Ова е неосмислено и нетемелито! Жално, ама вистинито! За сето ова незнајковци МОРА да има јавна стручна расправа. Науката треба да дојде до израз, а не политиката, поконкретно политиканството, која се води во МОН, БРО и Владата во ова ХИБРИДНА ЗЕМЈА.
Историјат- Концепција за основното образование
Концепцијата за основното образование ја носи министерката за образование и наука Мила Цароска во март 2021 година. Која формира „експертска екипа“ и членови на работни групи за изработка на концепцијата и тоа: од Филозовскиот факултет УКИМ професор Виолета Петроска-Бешка-тим лидер, м-р Митко Чешларов, кординатор на тимот од БРО, Ајша Ајрулаи, од Филозовскиот факултет УКИМ-професорите Јасмина Делчева-Диздаревиќ, Лена Дамовска, Николина Кениг, од УГД-Штип Кирил Барбареев, Педагошки факултет-Скопје Флорина Шеху, и од БРО д-р Лулзим Мехмеди, м-р Горица Мицковска, Славица Мирчевска и Александра Блажевска.
Овие членови, прогласени како „експерти“, ја прават концепцијата за основното образование. Но, истите овие „експерти“ не ги согледуваат истражувањата констатирани од меѓународните истражување – Колку училиштата се по мерка на детето?
Од меѓународните истражувањата резимираат дека: „Македонија се соочува со криза во учењето, а постигнувањата на учениците се под просекот на учениците од Западен Балкан, ЕУ и ОЕЦД. Соседните земји постигнале подобри резултати во учењето со малку повисоки нивоа на расходи за образованието… Во моментот 87% отсто од расходите за основно образование се трошат за плати за вработените во училиштата, поради што нема доволно средства за капитални инвестиции, обнова и одржување на објектите во добра состојба, како и инвестирање во професионалниот развој на кадарот“.
Македонија се сочуваше и се соочува со криза во учењето. Програмата за меѓународно оценување на учениците (ПИСА) покажува поразителни резултати. Во Западен Балкан – НАЈСЛАБИ (во читање, Математика и Природни науки). Поразителна е аналитиката која ја искажуваат дека: „По 11 години поминати на училиште, едно дете во Македонија во просек има образовни резултати еднакви на 7,3 години на учење. Тоа е најлош резултат во Европа или со други зборови, децата одат на училиште 3,7 години кои им се залудно потрошени“.
Ситуацијата е таква што најголем број училишта држат настава во две смени
Тоа е една од причините зашто учениците во Македонија добиваат помалку часови настава. Од друга страна, тоа ја ограничува ширината и длабочината на наставата и можностите за дополнителни предмети или дополнителни часови за учениците. Поконкретно кажано: На шестгодишна возраст, првачињата во Македонија имаат едно од најниските нивоа на планирано време за настава (552 часа) меѓу 79 земји што учествуваат на ПИСА. Додека достигнат четиринаесетгодишна возраст, овие ученици ќе имаат околу 900 часа помалку настава од просекот за учениците низ земјите на ОЕЦД.
За да се надмине овој предизвик, реформата на основното образование треба да има за цел да се зголеми бројот на часови за настава. Но, за да се зголеми бројот на часови мора да се зголеми времето, училиштата треба да создадат услови за работа во една смена. Со реформата е предвидено и ревидирање и воведување на нови образовни стандарди, вклучително и стандарди за училишна инфраструктура и опрема, како и за пристапност и безбедност. За да се исполнат овие стандарди треба да се приспособи физичката инфраструктура или преку дополнителни инвестиции или пренамена на недоволно искористени згради.
Во подеталната анализа на структурата на наставничката работна сила на општинско ниво, исто така, посочува на загрижувачки недостаток на наставници кои се квалификувани да ја исполнат визијата за образовна реформа. На пример, има недостиг од квалификувани наставници за одделенска настава споредбено со наставници за предметна настава. И меѓу наставниците за предметна настава недостасуваат наставници кои се квалификувани за Математика, Физика или Хемија, во споредба со наставници по предмети од општествени науки. Во училиштата со мајчин јазик различен од македонскиот јазик, дополнителните предизвици посочуваат на потреба од детална анализа на ниво на општини и училишта за да се разбере како треба да се приспособи наставниот кадар, а некои од општините ќе треба да ги прераспределат наставниците на други образовни профили.
Колку се троши за образованието?
Истражувањата укажуваат дека во земјава се троши помалку за образование за разлика од просекот на меѓународно ниво, но и овој процент е во опаѓање. Со 3,7 проценти од БДП во 2018 година (сега е 3,2 проценти) јавното трошење за образованието во Македонија кое најниско во Западен Балкан и многу пониско од просекот од 5,2 проценти од БДП во ОЕЦД или од просекот од 4,9 проценти во 27 земји-членки на ЕУ.
Како плови финскиот образовен систем?
Некои наши т.н. експерти вклучени во „реформите во базичното основно образование“, сакаат да се споредуваат или приближно да го копираат финскиот образовен систем.
За да го споредувате или да го копирате финскиот образовен систем, треба да поседувате предуслови и услови и воедно да го преобразите, односно реформирате општествениот систем. Ги прашувам нашите т.н. експерти: Каде плови нашиот брод?
Почитувани читатели и господа од академската фела. Ќе се обидам да издвојам од изворот (Indeh.hr sto zboruva Igor Vukelik)
„Истражувањата спроведени од ОЕЦД (Организација за економска соработка и развој) од 2018 година, проценува дека вештачката интелигенција може да замени многу луѓе на нивните работни места во децениите што доаѓаат. Ова од причина што постои итна потреба да се едуцираат луѓето да ги исполнат барањето на работните места во иднина.
Во ова смисла, Финска има еден од најквалитетните образовни системи во светот, кој е пример за многу земји. Меѓу другото, на тоа укажува и високиот пласман на различни меѓународни тестирања. На пример, Финска е рангирана на прво место според индексот „Образование за иднината на економијата“, додека ОЕЦД ја рангира на второ место во светот според резултатите на дипломците. Особено е интересно што Финска го постигна овој успех и покрај тоа што троши малку повеќе по ученик од просекот на ОЕЦД.
Финците се горди на својот образовен систем и веруваат дека токму овој систем им овозможил да станат економски успешна земја.
Финска е четврта економска базирана на знаења, а според ОЕЦД, во 2004 година беше втора во висока технологија, по Ирска. Според Светскиот економски форум, во 2014 година, се најде на првото место во светот по информатичка технологија.
Уште во средината на 20 век, Финците се впуштија во сериозни реформи во образованиот систем со консензус на левите и десните партии.
Финска е позната по високите резултати на ПИСА-тестовите (Програми за меѓународно оценување на учениците), кои се спроведуваат на секои три години меѓу учениците низ светот за да се проценат нивните математички, читачки и научни способности. Според резултатите од ПИСА-тестовите од 2018 година, Финска е меѓу најуспешните земји во светот.
Што го прави финскиот образовен систем толку успешен?
Експертите истакнуваат неколку клучни фактори:
Еднаквост – нема приватни училишта и сите ученици имаат пристап до бесплатно образование. Сите ученици се третираат еднакво, без разлика на потеклото или социо-економскиот статус.
Индивидуален пристап – Финскиот образовен систем обезбедува индивидуален пристап за секој ученик, што значи дека наставниците се обидуваат да ги приспособат своите наставни методи и стратегии на самите ученици за да им помогнат да постигнат најдобри резултати.
Креативно учење – Финскиот систем потикнува креативно учење и размислување. Учениците се охрабруваат да поставуваат прашања, критички да размислуваат и да развиваат вештини за решавање проблеми. Ова им овозможува да ги развијат сопствените таленти и интереси, наместо да се фокусираат на традиционалните академски предмети.
Високи стандарди – Образовниот фински систем има високи стандарди и бара сите ученици да се соочат со предизвици.
Високо ниво на професионални знаења и образование на наставниците – финските наставници имаат високо образование и се обучени да обезбедат квалитетна настава и подршка на учениците. Тие континуирано работат на нивната доквалификација. За да се вработат на неопределено време, наставниците треба да имаат магистерски студии.
Континуирана иновација – Финскиот образовен систем се базира на иновации и постојано усовршување, па затоа постојано работат на развивање нови методи и пристапи кои би можеле да го подобрат образованието.
Целодневно училиште – Финска нема целодневни програми, барем не во сите училишта. Постои во училиштето наречени „aamu-ja iltapaivatominta“ (утринска и попладневна активност“). Ваквите училишта им обезбедуваат на учениците дополнителни активности и услуги надвор од вообичаените часови на настава, а се достапни за учениците од предучилишна возраст до трето одделение.
Целта на ваквото училиште е на учениците да им обезбеди подршка во нивниот развој и образование, и да им олесни на родителите да го организираат своето време, особено ако се во работен однос…“
Види повеќе ТУКА
Што е ОЕЦД?
Како меѓународна организација за економска соработка и развој (ОЕЦД), формирана е 1961 година во Париз, Франција.
Членството во таа организација е многу важна за секоја земја. Во овие 56 години ОЕЦД се трансформира во меѓувладина организација во која членуваат 35 најразвиени земји во светот. ОЕЦД најчесто се опишува како „клуб на богати земји“.
Каков е тој клуб и што прави во стварноста?
За да се аплицира за членство во ОЕЦД мора да задоволат минимум барања, меѓу кои има законски и други стандарди. Меѓу тие стандарди се борбата против корупцијата, заштитата на потрошувачите и одговорно користење на минералите. Последна од земјите што ги исполни тие услови е Летонија која во 2016 година стана 35-та членка на ОЕЦД.
Овој клуб на богатите е познат по неколку работи од економијата во светот, втора работа по која е познат ОЕЦД е неговата посветена работа за сузбивање на даночното затајување, трета работа, можеби најпозната кај нас-тоа е анализата на стандардите во образованието, позната како ПИСА програма.
Во неа е вклучена и Македонија, но за жал резултатите на овдешните ученици во светски рамки се на самото дно, секогаш се меѓу најлошите. Кога некоја земја ќе добие толку лоши оценки во ПИСА програмата тоа е знак за тревога, но кај нас не е случај. Ние мирно го следиме пропаѓањето на образовните стандарди и со тоа го уриваме напредокот во иднината. Нашиот брод плови… плови… плови и го нема… потона!
Како наставниците гледат за потребите од реформирање на основното образование?
Од истражувањето спроведено од МОН и БРО, во текот на ноември 2000 година, на 4168 наставници од основното образование (2168 предметна наставници и 2000 одделенски наставници) тие го изразуваат своето мислење за потреби од реформирање на образованието. Но, никаде од истражувањето наставниците не го истакнуваат мислењето наставните предмети: Физика, Хемија, Биологија и Географија да бидат во еден предмет наречен Природни науки, или да нема учебници. Од самите резултати од наставниците нивното мислење е:
- Неопходно е да се реформира образованието за да се подобри,
- Учебниците да бидат прилагодени на учениците или на барањата на наставните програми и запоставеноста на воспитните компоненти,
- Учебниците и наставните материјали се најприоритетна сфера на реформирањето. Подготовката на нови учебници по повеќето предмети. И овозможување поголема слобода да користат и други наставни материјали со учебниците,
- Реформирање на наставните програми за усогласување на содржините и целите со потребите-интересите на учениците и намалување на обемот на наставни теми,
- Обука на наставниците и/или на наставниот план како најпиоритетна свера на реформирање,
- Оценување и поучувањето, наставниците укажуваат на начин на подобрување на образованието со користење на на разни техники, како што се: тестови, усни испрашувања, проекти, изведбени активности. Учениците да имаат помалце предавања, а повеќе да работаат на истражување и проекти, наставниците да користат повеќе интерактивни методи кои обезбедуваат поголема слобода, да користат повеќе разновидни наставни методи или наставни материјали (видеоматеријали/аудиоматеријали, дигитални содржини, креирани сценарија кои сами ќе ги избираат или креираат)…
Понатамошни парадокси: Во анализата во Новата концепција, во наставните планови од шесто до деветто одделение се исфрлени наставните предмети: Историја, Географија, Физика, Хемија, Биологија, а наместо тие предмети учениците ќе изучуваат нови два наставни предмети: Природни науки и Историја и општество. Во наставната програма Природни науки се опфатени некои содржини од наведените наставни предмети што се укинуваат. Наставникот во една учебна година треба да ја предаваат три наставника, секој од своето научно подрачје, а вреднувањето на постигнувањата на учениците ќе бидат математички просек од трите поединечни оценки. Предметот Историја и општество, според новата концепција, опфаќа дел од наставната содржина од предметите Историја, Географија и Граѓанско образование, кои повеќе нема да бидат дел од наставните планови. Така во програмата за шесто одделение, децата по овој нов предмет ќе учат за старите цивилизации, за ориентација во просторот и за закони.
Наставната програма по предметот Македонски јазик за шесто одделение предвидува целосно исфрлање на делот на историјата на јазикот и улогата на словенските просветители Свети Кирил и Методиј во создавањето на словенската писменост и првото словенско писмо.
Исто така, се поставува прашањето Зошто е намален бројот на часови по македонски јаик во наставата за малцинствата? Имено, наставниците по македонски јазик во наставата за малцинствата во основното образование, алармираат за една скриена „реформа“ во наставната програма за овој предмет. Имено од оваа учебна година во овие наставни програми, наместо три часа неделно да се предава македонски јазик, таа ќе се одвива само во два часа.
Според Новата концепција за основно образование предметот Информатика и Техничко образование, учениците ќе изучуваат нов наставен предмет Техничко образование и информатика, со намален број часови и наставни содржини.
Во средните стручни училишта е намален бројот на часови по Англиски јазик, од три часа на два часа седмично, додека во Гимназиите се изучува со три часа седмично, со што учениците од средните стручни училишта при полагање на државна матура се во подредена положба од учениците во гимназиите. Дали е ова дискриминација кон учениците од средните стручни училишта??
Со ваквите парадокси, во образованиот систем без Историја, Географија, Биологија, Физика, Хемија, поточно во систем во кој во два наставни предмети се спојуваат мал дел научни вистини, неможе да биде силен и неможе да произведе квалитетно образование.
Исфрлањето на историскиот дел од македонскиот јазик од Наставната програма за шесто одделение, за научната и педагошката фела е недопустливо и недозволиво. Јазикот е идентитетско обележје на секој народ и никој нема право да го исфрла од наставната програма она што ја дефинира македонската нација.
Затоа час поскоро ова нова наставна концепција која ја припремаат „експерти“ треба да се корегира и да се исфрлат овие парадокси кои се недопустливи во образованието и науката. Затоа се потребни образовни стандарди и борба против криминалот и корупцијата со нови луѓе!
Одговорност мора да има!
Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес