„Пари“ анализа: Двете компании за игри на среќа лани заработиле 21,5 милиони евра, а имале вкупни приходи од 77,7 милиони евра

Државите ширум светот организираат лотарии и на тој начин заработуваат. И македонската држава има свои компании за организирање на игри на среќа. Едната е АД Државна лотарија на Македонија и таа е 100% во сопственост на државата. Како што пишува на нејзината офцијална страница „компанијата е во државна сопственост, основана според успешни примери и искуства од европските и светските државни лотарии, со цел континуиран придонес во републичкиот буџет за инвестирање во општествено корисни цели лотарија“.

Другата е Државната видеолотарија на РСМ – КАСИНОС АУСТРИА ДОО Скопје, која е во сопственост на Државната Лотарија на Македонија и на Касинос Аустриа Интернационал Македонија, Заедничката добивката на двете компании: АД Државна лотарија на Македонија и на Државната видеолотарија на РСМ – КАСИНОС АУСТРИА ДОО Скопје, во 2021 година изнесувала 21,5 милиони евра. Приходите пак, на двете компании остварени од разни видови на игри што ги практикувале граѓаните се 77,7 милиони евра, покаќува анализата на „Пари.мк“.
АД Државна лотарија на РМ е основана на 29-ти декември 2008-ма година. Кога се игра лото, бинго, кога се купуваат инстант лозови, парите одат во Државната лотарија. Минатата година на тој начин биле собрани 10,3 милиони евра. Кога ги исплатила добивките и трошоците за своето постоење, на Државната лотарија и останале 5,8 милиони евра. Во ова АД има 71 вработен, а лани просечната плата била 33.951 денар.


Државна видеолотарија на Македонија – Касинос Аустриа ДОО Скопје (ДВЛМ) е трговско друштво со ограничена одговорност за приредување игри на среќа, во заедничка сопственост на Државна Лотарија на Македонија и Касинос Аустриа Интернационал Македонија. Основната дејност на друштвото е организирање и приредување електронски и интернет игри на среќа, пред сè за граѓаните на Република Македонија. На интернет игри на среќа, преку овој официјален приредувач, граѓаните во 2021 година вложиле дури 67,4 милиони евра. Ова на компанијата и донело дури 15,7 милиони евра добивка! Таму има 35 вработени, а лани просечната плата им била 50.595 денари.
Која е Касинос Аустриа интернационал?
Casinos Austria International (CAI) е подружница во целосна сопственост на Casinos Austria AG и управува со сеопфатните меѓународни активности на Групацијата од нејзиното седиште во Виена. Со своето широко портфолио на развојни, менаџмент и консултантски услуги, Casinos Austria International има имплементирано повеќе од 300 проекти за казино и игри низ целиот свет и е светски лидер во глобалната индустрија за игри. Примарните пазари на компанијата се наоѓаат во Европската унија, Швајцарија и Австралија.
Casinos Austria AG пак, и нејзините филијали и подружници обезбедуваат игри и забава од највисок ред и нудат најсовремени производи и решенија за сите сектори на индустријата за игри – од казина и лотарии до онлајн игри, спортско обложување и видео лотарија терминали.
Во Македонија, оваа компанија е застапена преку КАСИНОС АУСТРИА ИНТЕРНАТИОНАЛ МАКЕДОНИЈА ДОО Скопје. Самата компанија има еден вработен, лани направила приход од 4,5 милиони евра, а добивката изнесувала дури 3,9 милиони евра. Потоа, оваа компанија заедно со Држаната лотарија ја основаше фирмата Државна видеолотарија на Македонија – Касинос Аустриа ДОО Скопје. Платформата за онлајн приредување на игри на среќа на Државната видеолотарија официјално започна со работа на 01.04.2015 година.