Македонија ја заврши 2022 година со 7,7 милијарди евра јавен долг, што е 57,1 процент од бруто-домашниот производ. Тоа е историски најголем долг, но задолжувањето што се планира годинава, согласно со Буџетот за 2023 година, е над 1,6 милијарди евра!, анализира порталот „Пари“.
Анализата на буџетските податоци покажува дека со целиот овој износ нема да се зголеми јавниот долг, затоа што еден дел ќе се искористи за отплата на старите долгови, но, секако, задолжувањето е поголемо од самиот износ на отплата, особено што оваа година се предвидени и големи буџетски издатоци за енергетската криза. За отплата на стари долгови (домашни и странски) се планирани 847,4 милиони евра, а планираниот буџетски дефицит, како разлика меѓу приходите и расходите, е 695,3 милиони евра и тој мора да се финансира со задолжување. Владата планира од позајмиците да остави износ од 91,5 милиони евра на својата депозитна сметка во Народната банка.
Овие податоци зборуваат дека со новата еврообврзницата од 600 милиони евра не сме ја завршиле работата за годинава. И во самиот Буџет за 2023 година е наведено дека се планира од странски извори да се позајми нешто над 1 милијарда евра, а од домашни извори планот е позајмица од 546,7 милиони евра. И со домашната позајмица ќе се отплатуваат веќе достасани обврски, од кои најголем дел државни хартии од вредност.
Како што беше соопштено од Министерството за финансии, задолжувањето со новата еврообврзница од 600 милиони евра ќе послужи за да се отплатат стари долгови, пред сѐ за еврообврзницата која беше издадена во 2016 година и која годинава доспева во целиот износ од 450 милиони евра плус камата од 25 милиони евра.
Ова е деветта еврообврзница, а претходните осум во континуитет, почнувајќи од 2009 година, придонесуваат за раст на јавниот долг.
Со земените девет еврообврзници сме се задолжиле над 4 милијарди евра. Притоа, веќе станува пракса со една еврообврзница да крпиме доспеан долг од некоја друга претходна еврообврзница.
Она што загрижува е што почнувајќи од 2025 година, заклучно со 2027 година, постојано ќе треба да враќаме огромни износи ‒ вкупно 2,5 милијарди евра за претходно издадените еврообврзници!
Според проекцијата на Министерството за финансии, годинава треба да ја завршиме со јавен долг од 60,6 % од БДП. Во апсолутен износ, ако се оди по планот, годинава би требало да ја завршиме со јавен долг од околу 8,5 милијарди евра.
Во 2002 година јавниот долг беше 1,8 милијарди евра, или 43,2 % од БДП. Потоа, се намалуваше во наредните две години, за во 2005 година да се зголеми и достигне 1,99 милијарда евра, или 39,6 % од БДП. Тогаш беше издадена и првата еврообврзница од 150 милиони евра, со рок на враќање од 10 години.
Најнизок јавен долг е забележан во 2008 година, кога изнесувал 1,56 милијарди евра, или 23 % од БДП.
Во 2009 година се издава втората еврообврзница, во исклучително тешки услови на меѓународниот пазар на пари, во екот на Глобалната финансиска криза. Таа е издадена на 175 милиони евра, со рок на отплата од три и пол години и највисока камата досега од 9,875 %.