„Пари“ анализа: Просечните плати во пет најголеми градежни фирми се од 21,060 денари, до 35,935 денари

Повеќе од половина милијарда евра или поточно 527 милиони евра е вредноста на градежните активности кои што минатата 2021 година ги извршиле градежните компании во земјава. Држaвниот завод за статистика објави дека лани се изградени 2.665 објекти, а завршени се вкупно 3.235 станови. Просечната површина на становите е 65,3 метри квадратни, а најмногу се градело во Скопскиот регион, а следен е Југозападниот. Статистиката забeлежа мал пад кај градежните активности во однос на 2020 година кога тие вределе 532 милиони евра. Намалените градежни активности се пресликаа и во делот на прометот на топ 10 градежни компании, односно како што веќе објавивме, нивниот приход лани изнесувал 144,6 милиони евра, додека во 2020-тата 149 милиони евра. И покрај минималниот пад во градежништвото, тоа не им попречи на дел од градежните компании да имаат одлична финансиска 2021 година, но кај платите на градежните работници и не е се така сјајно.
Порталот „Пари” во соработка со БизнисМрежа.мк ги открива просечните плати по вработен во најголемите градежни компании во земјава рангирани според приход, добивка и најголеми работодавци кои треба да се двигатели на платите во овој сектор. За жал анализата покажа дека од пет градежни компании кои што оствариле највисока добивка пред да се усвои минималецот, две исплаќале катастрофално ниски просечни плати.

Петте најголеми компании според остварениот приход лани биле „Жикол”-Струмица, „ЗСФ-КОМ”-Скопје, „Рапид Билд“-Куманово, „Крмзов МР“-Струмица и „АК Инвест“-Тетово.
Од петте најголеми по приход, податоците покажуваат дека второ рангираната ЗСФ-КОМ со 50.108 денари е на врвот по просечна нето плата по вработен за 2021 година. Иако остварила раст и на приходот и на добивката сепак, податоците покажуваат дека се намалила просечната плата во оваа компанија за 21,19 проценти или во апсолутни бројки таа во 2020 била повисока и изнесувала 63.582 денари. Компанијата од петте има и најмал број на вработени, во 2021 изнесувал 23 или се намалил за четворица во однос на 2020 кога се забележани 27 работници.


Втора на листата со највисока просечна плата во 2021 година е градежната компанија Рапид Билд. Во 2021 година таа изнесувала 35.939 денари и бележи раст во однос на 2020-тата кога била 32.324 денари. Најголем пад кај исплатената просечна нето плата кај ТОП-5 те градежни компании според приход има во тетовски АК Инвест за 26,10 проценти. Просечната плата по вработен во оваа компанија која е поврзана и со бизнисот со струја и лани беше број еден според остварен промет, а 2021-ва е четврта изнесува 20.107 денари.
Импексел 2, гостиварската градежна фирма која има четврт најдобар резултат според остарениот профит е убедливо на врвот според висината на просечната плата и изнесува 56,786 денари. Најниска просечна плата меѓу оваа петорка која изнесува 17,402 денари и припаѓа на Саник.
Најголемите пет работодавци во градежниот бизнис лани биле: Жикол, Рапид Билд, Фабрика Карпош, Лимак и Бауер БГ. Заедно лани за нив работеле 1.316 работници. Најголем работодавач бил Жикол. Иако биле најголеми работодавци карактеристично е што немале некои поголеми отстапувања кај просечните плати 2021/2020 и тие се движеле од 21,060 денари, до највисоката 35,935 денари.