Парична казна за „Македонија лек“ за погрешните декларации на МРП вакцините

Фирмата „Македонија лек“, која дистрибуираше 650 МРП вакцини со погрешни декларации, ќе биде парично казнета но Министерството за здравство нема да го раскине договорот со фирмата, бидејќи овие биле последни количества вакцини, но по направениот пропуст, размислува во иднина да ја дискавалификува фирмата на следниот тендер.

Министерот за здравство Венко Филипче во вторникот рече оти одговорност ќе побара и од сите директори на здравствените домови и вработените во вакциналните пунктови, кои без да забележат ги примиле вакцините и не реагирале за погрешните декларации на пакувањата. Здравствените власти не можат да одговорат кај колку деца биле аплицирани овие вакцини, но тврдат дека никој не примил вакцина со поминат рок, бидејќи вакцините имале само погрешна декларација.

Дали пропустот бил направен намерно или случајно истражува фирмата од Белгија која ги произведува вакцините. Претставништвото на белгиската фирма „Глаксо“ во Македонија не одговори на прашањата дали и што ќе преземат по овој пропуст на фирмата увозник, но во одговорот до ТВ24 потенцираат дека гарантираат за квалитетот на вакцините кои ги испорачале во Македонија.

„По добиените информации во врска со налепниците на пакувањето на МРП вакцината во Македонија, ние моментално ја истражуваме ситуацијата. Можеме да потврдиме дека сите дози на Priorix продадени на „Македонија Лек“ се испорачани од местото на производство со целосно почитување на стриктните правила и високите стандарди за квалитет на Европската Унија.“  велат од Глаксосмитклајн.

Скандалот исфрли на површина и друг проблем, а тоа е дека нема правилници за добра дистрибутивна пракса на вакцините, па сега допрва Минситерството за здравство со МАЛМЕД ќе подготвуваат вакви правилници. Во меѓувреме уште шест нови случаи на морбили, регистрирале здравствените работници. Едно дете од Карпош е вчера хоспитализирано на клиниката за инфективни болести, а уште пет други пациенти се со клиничка слика на морбили, но за нив се чека лабораториска потврда.