Париската полиција со водени топови ги растерува демонстрантите на протестот за Палестина

Француската полиција денеска употреби водени топови за да го растера забранетиот пропалестински митинг во Париз, откако министерот за внатрешни работи рече дека е „веројатно“ таквите собири да го „нарушат јавниот ред“.

И покрај забраната, неколку стотици демонстранти се собраа во центарот на Париз во посебни групи кои полицијата ги спречи да се обединат.

Тие извикуваа „Израел убиец“ и „Макрон соучесник“. Францускиот претседател го осуди нападот на палестинската терористичка група Хамас и изрази солидарност со Израел.
„Живееме во состојба на граѓански права, каде што имаме право да зборуваме и да протестираме. Неправедно е да се забрани едната страна, а да се дозволи другата. Тоа не одговара на реалноста во Палестина“, изјави 29-годишната Шарлот Ветиер, вработена во невладина организација.

Претходно оваа недела, Хамас повика на петочни протести низ исламскиот свет.

Двата пропалестински протести во Париз се веќе забранети, откако министерот за внатрешни работи Жералд Дарманин изрази стравување дека тие би можеле да се претворат во немири.

Франција е дом на најголемите еврејски и муслимански малцинства во Европа, па војната на Блискиот Исток може да се прелие во судири на нејзините улици. Дарманин објави дека владата ја зголемила заштитата на еврејските локации, вклучително и училиштата и синагогите.