Франција, Германија и Велика Британија во саботата ги осудија најновите чекори на Иран, пријавени до Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ – IAEA), за наводно натамошно проширување на неговата нуклеарна програма.
„Иран презеде дополнителни чекори кон ‘испразнување’ на JCPOA со оперирање на десетици дополнителни напредни центрифуги на локацијата за збогатување на ураниум Натанц, како и со најава дека ќе инсталира уште илјадници центрифуги во Фордоу и Натанц“, се вели во заедничката изјава на трите земји.
Заедничкиот сеопфатен план за акција и мерки за ограничување (Joint Comprehensive Plan of Action – JCPOA), кој ја контролира иранската нуклеарна програма, беше потпишан со Техеран во ноември 2015 година во Виена.
„Оваа одлука е натамошна ескалација на иранската нуклеарна програма и носи значителни ризици за ширење на пролиферацијата“, се додава.
Во заедничкото соопштение се посочува дека „одлуката на Иран значително да го зголеми својот производствен капацитет во подземниот објект Фордоу е особено загрижувачка“.
„Иран е законски обврзан според Договорот за неширење на нуклеарното оружје целосно да го имплементира заштитниот дел кој е одвоен од JCPOA“, се додава.
Распоредувањето на дополнителните центрифуги „дополнително ќе ги зголеми залихите на збогатен ураниум и капацитетот за збогатување на Иран, чии нивоа веќе ги надминаа утврдените граници“, осудија трите влади. Франција, Германија и Обединетото Кралство велат дека остануваат „посветени на дипломатско решение што ќе го спречи Иран да развие нуклеарно оружје“.
Според IAEA, Иран е единствената држава без нуклеарно оружје која збогатувала ураниум до високо ниво од 60 отсто, многу блиску до степенот на оружје, додека продолжува да собира големи залихи ураниум.
Врховниот водач на Иран, ајатолахот Али Хамнеи го забрани развојот на нуклеарно оружје со фатва на почетокот на 2000-те, повторувајќи ја својата позиција во 2019 година, кога изјави дека „изработката и складирањето нуклеарни бомби е погрешно, а нивната употреба е харам (религиски забранета)… Иако имаме нуклеарна технологија, Иран решително ја избегнува“. Но, во 2021 година, тогашниот ирански министер за разузнавање предупреди дека притисокот на Западот може да го принуди Техеран да работи на нуклеарно оружје.
По долготрајните преговори поради загриженоста дека Техеран би можел да развие нуклеарно оружје, Иран потпиша нуклеарен договор во нооември 2015 година со кој драстично се ограничува збогатувањето ураниум и ја овластува Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA) да врши строги инспекции.
Според овој текст кој го договорија Иран и шесте големи сили, од кои пет постојани членки на Советот за безбедност при Обединетите нации – САД, Русија, Кина, Велика Британија и Франција плус Германија, Техеран се согласи да ја замрзне својата нуклеарна програма на збогатување ураниум и затворање на центрифугите за тоа до високо ниво од кое лесно може да се дојде до нуклеарна бомба до 2025 година. За возврат беа укинати дел од децениските меѓународни санкции против Иран кој и натаму тврди дека неговата нуклеарна програма никогаш не била воена, туку во научни и медицински цели.
Меѓутоа, САД еднострано се повлекоа од договорот во 2018 година за време на тогашниот претседател Доналд Трамп кој бараше договорот да се прошири и на иранската ракетна програма и ги вратија децениските санкции за Иран. Откако земјите од ЕУ потписнички на договорот од Виена не успеаја да ја заштитат иранската економија од влијанието на американските санкции и европските компании мораа да се повлечат од инвстициите во Иран, Техеран почна постепено да ги суспендира своите обврски од меѓународниот нуклеарен договор и да збогатува ураниум и се приближи до чистотата за оружје, како и ограничувањето на инспекциите на Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA).