Париз навестува распоредување француски војници во Украина

Францускиот претседател Емануел Макрон во понеделникот изјави дека не ја исклучува можноста за распоредување на француски копнени трупи во Украина, што го потврди неговиот премиер Габриел Атал, говорејќи во вторникот за радиото RTL.

Макрон по завршувањето на конференцијата за помош на Украина во понеделникот донца ноќта во Париз, меѓу другото, рече дека сите опции се отворени за да се осигура дека Русија нема да победи во војната против Украина.

На состанокот, кој беше организиран за кратко време, присуствуваа највисоките претставници на многу клучни европски поддржувачи на Киев како германскиот канцелар Олаф Шолц, британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон, како и челниците на Шпанија, Португалија, Полска и скандинавските и балтичките земји. САД ги претставуваше помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања Џим О’Брајан.

Макрон рече дека нема консензус за употреба на копнени трупи на состанокот на над 20 шефови на држави и премиери, но дека „ништо не може да се исклучи во однос на идната динамика“. „Секоја земја може самостојно и суверено да одлучува за распоредување на копнени трупи“, рече Макрон.

На состанокот беше одлучено да се формира коалиција за снабдување на Украина со ракети за напади далеку зад руските линии, рече францускиот претседател. „На краток рок, неопходно е да се мобилизира дополнителна муниција за Украина од сопствените резерви“, додаде Макрон.

За испораката на француските борбени авиони „Mirage“ сѐ уште не е одлучено, но сѐ уште се утврдува која француска воена опрема би можела да ѝ помогне на Украина, рече Макрон. „Општиот консензус денес е дека безбедноста на сите нас е загрозена“, рече Макрон во Елисејскиот дворец.

Како што војната во Украина влегува во третата година, Макрон рече дека однесувањето на Москва „станува сè поагресивно на политичко ниво и на првите линии во Украина“. „Русија не смее да победи во војната“, нагласи Макрон, велејќи дека поддршката не смее да се поколеба и дека поддржувачите на Украина мора да ги засилат своите напори.

Зголемената помош за Украина во поглед на пари и оружје мора да се мобилизира и колективно и на национално ниво, рече тој. „Ние сме во процес на обезбедување на нашата безбедност денес и утре“, рече Макрон.

Советник на Макрон пред состанокот рече дека консултациите во Париз се помалку за нови гаранции за испорака на оружје, а повеќе за зголемување на ефикасноста на веќе ветената воена помош – вклучувајќи обука на украински војници и сајбер одбрана.

„Ништо не може да се исклучи во војната што се случува <…> пред вратите на Европската унија“, изјави за RTL, премиерот Атал одговарајќи на прашањето дали француските војници би можеле да бидат испратени во Украина.

Според него, Франција не може „да се помири со изгледите дека во одреден момент Русија ќе победи“ во војната во Украина.