Париз задоволен од најавата на Атина за купување дополнителни француски борбени авиони

Француската министерка за одбрана Флоренс Парли ја поздрави во неделата намерата на Грција која ќе купи дополнителни шест авиони „Rafale“ откако на почетокот од годинава ја доби првата нарачака од 18 борбени авиони.

„Извонредна вест: Грција тукушто ја изнесе намерата за купување на дополнителни шест ‘Rafale’. Одиме заедно напред во градењето вистинска европска автономност“, објави на Twitter француската министерка за одбрана.

Грчкиот приемиер Киријакос Мицотакис навести во саботата дека неговата влада има намера да ја зголеми нарачката на 24 борбени авиони од Франција.

„Најавив купување на 18 Rafale, но наскоро ќе ги има 24. Првиот од нив ќе полета на грчкото небо пред крајот на годинава“, изјави Мицотакис на меѓународниот саем на автомобили во Солун.

Произведувачот на авионите „Dassault Aviation“ првиот авион на Геција ѝ го испорача во јули. Станува збор за користено летало од составот на француските воздухопловни сили.

Атина во јануари го склучи договорот за купување на своите први 18 авиони „Rafale“, за да ги засили сопствената одбрана и партнерството со Париз во периодот на зголемените тензии со соседната Турција. Со тој договор, во вкупен износ од околу 2,5 милијарди евра, опфатени се 12 користени и шест нови авиони.

За Франција овој договор претставува прва продажба на „Rafale“ во Европа, каде што Париз настојува да го насочи извозот на своето вооружување и да го зајакне политичкото влијание.

Во Европа засега уште само Хрватска кон крајот на мај донесе одлука за купување на 12 користени „Rafale“, десет едноседи и два двоседа. Катар, Египет и Индија се преостанатите меѓународни купувачи на овие франциски борбени авиони.