Парламентот на Албанија го изгласа буџетот за 2022 година тежок 5,2 милијарди евра

По повеќечасовна жолчна расправа и отфрлање на повеќе амандмани предложени од опозицијата, доцна попладнево пратениците во албанскиот законодавен дом со 77 гласови „за“ и 46 против го изгласаа буџетот за 2022 година.

Во буџетот кој тежи 5,2 милијарди евра, кого владините претставници го опишаа како буџет за закрепнување, се предвидува економски раст од 4,1 отсто и дефицит од околу 800 милиони евра.

Нивото на приходи се предвидува да достигне околу 4,4 милијарди евра, а буџетските расходи околу 5,2 милијарди евра.

Дел од буџетскиот дефицит Владата да го покрие со задолжувањето што го направи пред два дена преку еврообврзница во износ од 650 милиони евра.

Следната година се предвидува намалување на јавниот долг на ниво од 78,9 отсто, по неговото зголемување на 80 отсто проектирано до крајот на 2021 година.

Според Владата, зголемувањето на приходите ќе се заснова на позитивното остварување на економската активност во државата, добрата фискална администрација како и на намалувањето на неформалноста во економијата.

Што се однесува до буџетските расходи, тие ќе поддржат голем број јавни инвестиции насочени кон процесот на реконструкција и други инфраструктурни проекти во изградбата на патишта, аеродроми, инвестиции во водовод и канализација и други сектори.

Меѓу другото со буџетот се предвидува зголемување на платите на просветните и здравствените работници за 6 отсто, на припадниците на Националната гарда за 7 отсто, за припадниците на вооружените сили 30 отсто.

Минималната плата планирано е да се зголеми на 32 илјади лека или 262 евра, додека за пензиите ќе има само вредносен индекс на инфлацијата, а сите пензионери на крајот на годината ќе добијат бонус во износ од по 5 илјади лека (40 евра).