Парнарџиева:Фирмите електронски да вршат пријави и одјави, наместо да губат време по шалтери

Новиот начин на функционирање на Фондот со електронските услуги наидува на огромно задоволство кај фирмите кои веќе нема потреба да доаѓаат во подрачната служба во Битола за пријави и одјави на осигуреници. Досега 40 отсто од фирмите се вклопиле во електронскиот начин на работење, а дури 85 отсто од осигурениците си ги подигнале и ги користат своите електронски здравствени картички. Ова го истакна Маја Парнарџиева-Змејкова, директор на Фондот за здравствено осигурување при денешната посета на Подрачната служба на ФЗОМ во Битола.

Во рамките на својата посета на овој регион, директорката на ФЗОМ учествуваше и на седмата едукативна работилница на пензионерите организирана во Битола заедно со Сојузот на пензионерите на Битола и со Црвениот крст.

Во Демир Хисар имаше работен состанок со вработените во подрачната служба на ФЗОМ, каде од прва рака доби информации за тоа дека и во овој град се подигнати и се користат над 85% од електронските здравстсвени картички, а стана збор и за тоа колку граѓаните се задоволни од достапноста на услугите на ФЗОМ.

Во Охрид само 10 отсто од фирмите се вклопиле во системот на електронското работење. За таа цел, директорката Парнарџиева-Змејкова упати апел до фирмите час поскоро да се интегрираат во електронскиот систем и пријавите и одјавите да ги вршат по електронски пат, наместо да губат време да доаѓаат во подрачната служба на Фондот.

На осмата едукативна работилница во Охрид, наменета за пензионерите за едукација во однос на нивните права од здравствено осигурување, како и запознавањето со определени здравствени програми кои ги финансира ФЗОМ, директорката Парнарџиева Змејкова се заблагодари на Сојузот на пензионери и на Црвениот крст за успешно реализирање на едукативните работилници кои имаат цел да го зголемат нивото на информираност на пензионерите за нивните права од здравственото осигурување.