Парното поевтинува, домаќинствата ќе плаќаат за 3,16 отсто пониска цена, а училиштата и фирмите за 17,3 отсто

Цената на парното греење за домаќинствата во Скопје од 1 август се намалува за 3,16 отсто за корисниците на ЕСМ, за 1,71 отсто за корисниците на топланата Скопје Север и за 0,5 отсто за корисниците на ЕСМ Енергетика. За деловните корисници и училиштата поевтинува за 17,3 отсто кај ЕСМ, за 17,22 кај Скопје Север и за околу 40 отсто кај ЕСМ Енергетика.

Граѓаните ќе добиваат субвенции заклучно со јулската сметка, а веќе во августовската нив нема да ги има, објави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски.

Тој истакна дека цените на природниот гас на пазарот се намалени и стабилизирани и дека тој смета дека нема потреба државата и понатаму да субвенционира дел од сумата пресметана во фактурите на граѓаните.

– Цените за парното за сите останати потрошувачи како училишта и институции, ќе се намалат за 17,3 отсто. Оваа цена за домаќинствата е без субвенции. Во изминатиот период, за субвенционирање од Буџетот на државата беа издвоени приближно 12 милиони евра. 

Како што посочи Бислимоски, од новите пресметки на цената за испорака на топлинска енергија не биле задоволни трите компании на ЕСМ, како и ЕСМ Енергетика, а дел од нив најавиле дека одлуките на Регулаторна ќе ги обжалат на Управен суд.

Бислимовски рече дека очекува конечно ЕСМ да го постави цевководот под мостот „Беласица“, кој беше опожарен пред повеќе од една година, со што ќесе овозможи повеќе топлинска енергија да се испорачува од „Те-То“, а која е за 30 отсто со пониска цена за рзлика од цената на топланите.