Парондо ќе го замени Гонзалес на клупата на еврпскиот шампион Вардар

Шпанецот Роберто Гарсија Парондо од следната сезона ќе биде нов тренер на Вардар, како наследник на Раул Гонзалес. Парондо доаѓа од женската екипа на Вардар каде е помошник тренер и во следните две сезони ќе го предводи машкиот европскиот првак од клупата.

Триесет и осум годишниот Парондо е и актуелен помошник во машката сениорска репрезентација на Македонија и беше дел од стручниот штаб на последното ЕП во Хрватска. Претходно тој помагаше и во подготовката на машката младинска репрезентација на настапот на СП во Алжир каде стигнавме до Топ-8. Во моментов заедно со Ирина Дибирова седат на клупата на женската екипа на Вардар и се единствен тим во лигата на шампионите што е без пораз сезонава во елитното европско натпреварување.

„Вардар веќе го чувствувам како свој дом, тука сум речиси една сезона и условите што ни ги дава клубот ми даваат за право да се надевам за успешна соработка. Сега сум целосно посветен кон обврските во женската екипа на Вардар и сакам со успех да ја завршиме сезоната пред да ја преземам машката екипа“, изјави меѓу другото Шпанецот за клупската интернет страница.

Со назначувањето на Парондо за тренер продолжува низата од шпански стратези на клупата на „црвено-црните”. Тој е поранешен ракометар на Валјадолид, Адемар Леон, Сиудад Реал, а има настапувано и за ПИК Сегед и Будакалаш, два тима од Унгарија.

Со Адемар Леон го освои КПК во 2005, со ПИК Сегед го освои ЕХФ купот, а со Атлетико Мадрид го освои Супер Глоуб во 2012 година.

За репрезентацијата на Шпанија настапуваше на Медитеранските Игри во 2005 година (злато) и на СП во 2007 (7 место). Последен настап за репрезентацијата на големо натпреварување имаше на ЕП 2012 година во Србија каде Шпанците беа четвртопласирани.

„Многу сум среќен што добивам шанса да бидам дел од европскиот првак Вардар. Верувам дека довербата ќе може да ја оправдам преку резултатите. Да се биде дел од тим што зад себе има таква спортска традиција и постигнати одлични резултати се голем предизвик за мене. Вардар веќе го чувствувам како свој дом, тука сум речиси една сезона и условите што ни ги дава клубот ми даваат за право да се надевам за успешна соработка. Сега сум целосно посветен кон обврските во женската екипа на Вардар и сакам со успех да ја завршиме сезоната пред да ја преземам машката екипа. И покрај ангажманот во женскиот тим доста сум запознаен и со работата на машкиот тим, и затоа очекувам брзо да се вклопат во таа приказна, и исто така и екипата да ме прифати мене и мојот начин на работа. Високите резултати секогаш ќе бидат наш приоритет, за клубот да остане онаму каде што е – во самиот европски врв“, вели Роберто Гарсија Парондо.