![maksim dimitrevski](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2024/03/maksim-dimitrevski.jpg?resize=696%2C399&ssl=1)
„Движењето ЗНАМ – За наша Македонија“ денеска информираше дека органите на Движењето ЗНАМ, Извршниот одбор, а потоа и Централниот одбор со акламација ги утврдиле кандидатските листи за пратеници во сите шест изборни единици, рече портпаролот Никола Мемов на денешната прес конференција.
– За разлика од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, каде што во голема мера ги номинираа досегашните пратеници во Собранието на Република Македонија и не понудија ништо ново во кадровска смисла, Движењето ЗНАМ – За наша Македонија на листите за пратеници номинираше луѓе кои се нови во политиката, стручни во областите во кои што работат, авторитетни и препознатливи во своите средини, чесни луѓе со карактер и вистински вредности, но и луѓе кои веќе имаат политичко искуство, со чист образ – додаде Мемов.
Тој нагласи дека во ЗНАМ веруваат дека граѓаните на Македонија ќе ја препознаат разликата во квалитетот на кандидатите за пратеници и довербата ќе ја дадат за Движењето ЗНАМ – За наша Македонија.
Во изборната единица еден, листата на ЗНАМ ќе ја предводи Бобан Карапејовски, професор на Катедрата за македонски јазик при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и член на Извршниот одбор на „Движењето ЗНАМ“.
Носител на листата во втората изборна единица ќе биде директорот на Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ во Куманово и претседател на општинската организација на партијата, Даниел Стојчевски.
Во „тројката“, носител на листата ќе биде уште еден од потпретседателите на Движењето, Павле Арсовски, генерал-мајор во пензија и доктор по историски науки.
За носител во изборна единица 4 партијата го номинира Миле Цеков, претседател на Стопанска комора на југоисточна Македонија, кој е и претседател на општинската организација на Движењето ЗНАМ.
Изборната единица 5 ќе ја предводи Весна Бендевска, дипломиран психолог, како и поранешна пратеничка во Собранието на Република Македонија, а носител на изборната единица шест ќе биде Небојша Захариевски, магистер по правни науки.
Новинарите побараа коментар за рејтингот на господин Максим Димитриевски, кој според последната објавена анкета, е повисок од рејтингот на сегашниот претседател на државата, Стево Пендаровски, за што портпаролот на Движењето ЗНАМ, Никола Мемов рече:
– Како резултат на конзистентните политики на Движењето ЗНАМ и нашите политички ставови, трендот во јавноста е зголемување на довербата на граѓаните кон нашиот претседател, господинот Максим Димитриевски и движењето ЗНАМ-За наша Македонија. Како и досега во неколку наврати напоменавме дека конечната анкета ќе ја испорачаат граѓаните на денот на изборите.
Запрашан дали ЗНАМ очекува неговиот кандидат за претседател, Максим Димитриевски да влезе во вториот изборен круг од претседателските избори, Мемов рече:
– Одговорот на вашето прашање е апсолутно да, очекуваме Димитриевски да влезе во вториот круг.