Изминува речиси една седмица од изборната кампања. Партиите продолжуваат и денеска со своите активности насочени кон промоција на програмите и своите кандидати за градоначалници за локалните избори закажани за 17 октомври.
Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ денеска ќе ја претстави изборната кампања „Создади нова иднина!“ во повеќе населени места.
Денешната нивна агенда започнува од Маврово-Ростуше каде во центарот на Ростуше во 16:30 ќе започне митингот. Следува Јегуновце пред ОК на ВМРО-ДПМНЕ во 17 часот. На плоштадот во Тетово, ВМРО-ДПМНЕ ќе одржи митинг со почеток во 18 часот пред Општинската зграда.
Во 19:00 продолжуваат пред Општинската зграда во Теарце, а во 20:30 чсот во Гостивар на Градскиот плоштад ќе започне нивниот последен митинг за денеска. Најавено е обраќањето на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Првиот централен караван на СДСМ денеска е во Македонска Каменица, Пехчево и Берово, а централниот настан каде ќе се обратат претседателот на партијата Зоран Заев и кандидатот за градоначалник ќе се одржи во Делчево на платото пред ДОМ на АСНОМ во 12:30 часот.
Заев и кандидатот за градоначалник на Виница ќе се обратат на плоштадот „Ангел Винички“ на митингот кој ќе започне во 20:00 часот. Во Демир Капија е вториот караван на СДСМ кој на плоштадот ќе одржи митинг во 18:30 часот.
Изборни активности денеска се најавени и од Алијансата за Албанците. Зијадин Села и кандидатот за градоначалник на Тетово ќе имаат средби во Тетово, а ќе го посетат и селото Порој.
Митинг на коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива на кој ќе се обратат претседателите на коалицијата АА и А, Зијадин Села и Африм Гаши, како и кандидатот за градоначалник на Општина Теарце е закажан во дворот на основното улилиште во Теарце во 19 часот.
Од ДУИ најавија дека денеска ќе одржат митинзи во Општина Велес (17 часот) и во Општина Чашка (19 часот).
Средби со граѓани, прес-конференции се најавени и од поголемиот број независни кандидати.