Политичките партии веќе започнаа со објавување на дел од кандидатите со кои ќе настапат на претстојните локални избори. Учество во изборната трка најавуваат и независни кандидати. Во исто време, течат подготовките во ДИК за успешно спроведување на изаборите, како и роковите во кои граѓаните треба да проверат дали ги има на избирачките списоци.
Владејачката СДСМ на Извршен одбор утврди уште 16 кандидати, од кои 12 се нови имиња, а четири се актуелни градоначалници во општините. Нови кандидати, меѓу другото, ќе има во Аеродром каде во трка за градоначалник ќе биде Александар Филиповски, дипломиран економист, поранешен пратеник, менаџер на повеќе компании, во Карпош каде наместо актуелниот градоначалник кандидат е Душко Весковски, актуелен директор на ЈП „Водовод“ Скопје и во Прилеп каде кандидат на СДСМ ќе биде Горан Сугарески.
ВМРО-ДПМНЕ досега објави 45 кандидати, а се очекува нови имиња да соопшти во почетокот на наредната недела.
И партиите од албанскиот блок – ДУИ, Алијанса на Албанците/Алтернатива и БЕСА најавија неколкумина свои кандидати со кои ќе излезат на локалните избори.
Вчера претседателка на Сојузот на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска на Фејсбук објави дека е независен кандидат за градоначалник на Град Скопје и ја побара поддршката на граѓаните кои, како што напиша, сакаат промени.
-Би сакала со Вас јавно да споделам и официјално ја објавам својата кандидатура како независен кандидат за градоначалник на Град Скопје и ја барам поддршката од сите Вас чесни луѓе кои сакаат промени. Време е да делуваме различно од досега, а времето не чека никого. Доаѓа крајот на политички агенди и лажни ветувања. Политички калкуланти, лаги и корупција континуирано ни ги одземаат шансите за нормален живот. Заткулисни игри предолго го окупираат градот и неговото функционирање, а незадоволството кај граѓаните континуирано се зголемува. Или ќе стоиме на страна или ќе се спротивставиме и ќе почнеме заедно да ги менуваме работите. Партизираност на институциите или одлучност и професионалност за пристоен живот! Време е да се одбере – празни ветувања, нереализирани проекти или вредни, способни и исполнителни личности кои нема да потпаднат под политички притисоци и нема да се откажат од својата визија. Мора да имаме храброст и да кажеме “Ние заслужуваме подобро!”, напиша Арсовска во објавата на нејзиниот фејсбук профил.
Дипломираниот правник Ацо Новески, пак, е првиот независен кандидат за градоначалник на Општина Македонски Брод. Вработен е во матичната служба во Скопје, претходно ангажиран во Одделението за катастар во Македонски Брод. Ова е трета апликација примена во канцеларијата на ДИК во Македонски Брод, откако вчера беа поднесени и две независни листи за советници, за претстојните локални избори што ќе се одржат на 17 октомври.
Според информациите на ДИК до 23 август потписи за кандидирање на локалните избори собрале независни кандидати од неколку општини, а потписи се собрани и за советнички листи. Собирањето потписи во подрачните единици и канцеларии на ДИК и пред овластени нотари продолжува до 30 август на полноќ. Подрачните одделенија и канцеларии на ДИК работат секој ден од 8 до 20 часот. На 27, 28 и 29 август ќе работат до 21 часот, а на 30 август до 24 часот. Собирањето на потписи трае заклучно со 30 август.
Во меѓувреме Државната изборна комисија интензивно се подготвува за локалните избори. Двесте терминали за вчитување на отпечатоци од прсти од компанијата „Дермалог“ најверојатно во понеделник треба да бидат во канцелариите на ДИК, каде треба да биде извршено нивно примопредавање. Откако терминалите ќе пристигнат во земјата, инжинери пратени од „Дермалог“ ќе извршат обука за ракување со нив, а потоа таа обука ќе биде вметната и во планот за едукација на ДИК.
На локалните избори во земјата првпат гласачите ќе се идентификуваат со вчитување на отпечаток од прст. За набавка на терминалите, како и целокупниот систем и нивното одржување за следните четири циклуси е потпишан договор со германската компанија „Дермалог“. До први октомври во земјата сукцесивно треба да пристигнат нарачаните 4000 терминали за изборите.
Полициски службеници на овие избори првпат ќе го озбедуваат доверливиот материјал, меѓу којшто ќе бидат и апаратите за вчитување на отисоците од прсти на гласачите. ДИК на седница усвои Правилник за начинот на постапување на полицијата на изборите што е изготвен во соработка со МВР.
На овие избори болните и немоќни лица нема да бидат проверувани со терминалите за отпечатоци од прсти туку дека тие ќе гласаат како и досега со УВ ламба и спреј. ДИК усвои упатство за начинот на гласање на овие лица и условите што се потребни да ги исполнат за да можат да гласаат на ден пред изборите и во своите домови. Барањето и медицинските документи тие треба да ги достават до подрачните единици и канцеларии на ДИК или преку полномошник и по електронски пат.
Во овој период тече и рокот за увид во Избирачкиот список, кога граѓаните во подарчните единици на ДИК или преку апликацијата на нивната веб страна можат да ги проверат своите податоци, а потоа доколку има неправилности и да достават барања за нивно корегирање или впишување. Увидот во Избирачкиот список завршува на 9 септември.
Изборната кампања за првиот круг започнува на 27 септември на полноќ и завршува на 15 октомври на полноќ.
Изборите, што повторно ќе се одржат со протоколи за заштита од ширење на Ковид-19, се закажани за 17 октомври. Вториот круг од изборите треба да се одржи на 30 октомври.