На изборите во источногерманската сојузна покраина Тирингија партиите од крајната левица и десница во неделата освоија најмногу гласови, додека партиите од демохристијанско-социјалдеморкатската влада на канцеларката Ангела Меркел претрпеле тешки губења на гласовите.
Според првите процени врз основа на непотполните резултати и резултатите од излезните анкети на инстутот Dimapa, како што пренесе јавниот сервис ARD во 18,30 часот, партијата Левица (Die Linke) освоила 29,7 отсто од гласовите, што е 1,5 отсто повеќе отколку на последните изборите за локалниот парламент во Тирингија пред пет години. Втора според освоените гласови е евроскептичната и противдоселеничка десна партија Алтернатива за Германија (AfD) со 23,8 отсто, што е речиси двојно повеќе отколку на последните избори.
Христијанско-демократската унија (CDU) со 22,5 осто, што е 11 отсто помалку отколку на последните покраински избори во оваа сојузна покраина. Социјалдемократската партија на Германија (SPD) освоила 8,5 што е 3,9 отсто помалку, партијата Зелени според првите процени освоила 5,5 отсто. Либерално-деморкатската партија (FDP) со 5 отсто се наоѓа на границата да го мине изборниот праг и во прашање е доведно неговото влегување во парламентот во Ерфурт.
Излезноста на изборите во Тирингија со 65 отсто е за 13 отсто поголема отколку на изборите пред пет години.
Се проценува дека формирањето на покраинската влада ќе биде извонредно тешко, бидејќи сегашните резултати не се доволни за продолжување на коалицијата меѓу партиите Левица, SPD и Зелените која беше на власт во оваа сојузна покраина последните пет години. Можна е и малцинска влада на чело со сегашниот премиер Бодо Ромелов, бидејќи сите партии одбиваат коалиција со AfD.
Партијата Левица, која делумно е наследничка на поранешната источногерманска режимска Социјалистичка партија на единството, според процените на аналитичарите, својот успех во Тирингија го должи на главниот кандидат и актуелен премиер Бодо Рамелов кој како прв премиер од оваа партија на некоја сојузна покраина пред пет години ја презема власта во Тирингија. Ситуацијата во Тирингија економски е поповолна отколку во остатокот од источна Германија, што се смета за причина за успехот на Рамелов во оваа сојузна покраина.
И додека Бодо Ромелов се смета за претставник на умереното крило во рамките на неговата партија, главниот кандидат на AfD, Бјерн Хеке, важи за водач на екстремното крило на национал-конзервативната партија. Се проценува дека успехот на Хеке во Тирингија ќе ја натера оваа партија на натамошното свртување в десно.
Откако CDU на изборите за локалните парламенти во Саксонија и Бранденбург на почетокот од септември доживеа голема загуби, се проценува дека тоа може да го зголеми притисокот врз новата претседателка на партијата Анегрет Крамп-Каренбауер која ланскиот декември од Ангела Меркел го презема водењето на конзервативицте и важи како нејзина наследничка на канцеларската должност. Новото губење на гласачите може да ја разгори и внатрепартиската борба во CDU за превласт во партијата.
Лошиот резултат на партиите кои ја сочинуваат демохристијнаско-социјалдемократската влада на Меркел би можело да го зголеми притисокот врз коалициската влада и да ги зајакне барањата во SPD во која крилото кое бара излегување од коалицијата со CDU смета дека гласачите ги казнуваат социјалдемократите поради коалицијата со демохристијаните.