![lokalni izbori](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2017/10/lokalni-izbori.jpg?resize=640%2C294&ssl=1)
Со митинзи и средби со граѓани и во четвртокот политичките партии, коалициите и независните кандидати ги продолжуваат изборните активности за локалните избори што ќе се одржат на 15-ти октомври.
Коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе ги посети Петровец и Чучер Сандево каде ќе оствари средби со граѓани, а митинзи ќе одржи во Кисела Вода и Центар.
Изборниот карван на коалицијата „Живот во Македонија“ предводена од СДСМ ќе биде на средби со граѓани во Теарце, Брвеница и Јегуновце, а вечер ќе одржи митинг во Тетово.
Демократската унија за интеграција (ДУИ) ќе има средби со граѓани во Куманово и Липково. Движењето БЕСА, пак, најави собир со жители во Теарце.
Кампањата за првиот изборен круг завршува на 13-ти октомври во 24 часот, а почна на 25-ти септември.
Шестите локални избори во Македонија се закажани за 15-ти октомври, а ќе се спроведуваат на 3.480 избирачки места во 80 општини и во Градот Скопје. Право на глас ќе имаат 1.814.644 граѓани запишани во Избирачкиот список.
Вториот круг од изборите е закажан две седмици, на 29-ти октомври. Изборната кампања за вториот круг завршува на 27-ти октомври во 24 часот.