Партиска „окупација“ на Министерството за правда

Со години политичарите ветувааат а јавноста и натаму се надева дека ќе му биде ставен крајот на партизацијата и непотизмот во сервисот на граѓаните, без соодветни квалификации и критериуми. Но, се чини, дека партиските интетереси немаат крај, а изминатите години сме сведоци на интензивирање на ваквите појави, паралелно со ширењето на владејачката коалиција со нови партии кои поитаа да го згрижат своето членство на државни јасли.

Сите овие предизборни вработувања, унапредувања и наградувања и неадекватни политики, негрижата за квалитетот на кадарот, а кои директно се одразуваат и на квалитетот на функционирањето на државните институции, ги премолчува најголемиот чинител во Владата – СДСМ, и тоа кога во предизборието од уста не го вади патот кон ЕУ, но каде што, сепак, не се оди „фамилирајно“ туку со компетентна и професионална администрација, способна да одговори на задачите.

Во тој контекст, истовремено со скандалите со непотизмот во Министерството за здравство, наши извори алармираат и за слични дејанија во Министерството за правда, коешто исто така во настојувањата на одржување на парламентарното мнозинство двоецот СДСМ и ДУИ му беше отстапено на кадарот на Алијанската за Албанците. Поточно, нашите извори од Правда посочуваат на наводна појави на самоволие и беззаконие кое се случувале изминатата година во однос на унапредување на вработените.

Како посебен случај ни се посочува унапредувањето на, како што наведуваат соговорниците, познатата меѓу вработените во Правда „шефица” Арбреша Селими, која преку Контакт бизнис агенција за привремени вработувања од април месец 2023 година била вработена во Министерството за правда од февруари 2024 година.

Станува збор за стружанка, која влегува во јавната администрација во градоначалничкиот мандат на старо-новиот претседател на Алијансата, Зијадеин Села, од каде што доаѓа и министерот и генерален секретар на партијата Кренар Лога. Како што велат нашите соговорници, а за случајот постојат и соодветни претставки до Министерство за труд и социјална политика и до Министерство за внатрешни работи, Селими многу брзо ја искористила својата позиција и печатот на министерот и успева за кусо време да положи Правосуден испит оваа година.

Според укажувањето на соговорниците, на објавениот јавен оглас број 658/2023 за пополнување на работното место државен советник за управно законодавство пријава доставила Арбреша Селими. Од страна на Агенцијата за администрација формирана била Комисија за селекција за вработување по јавен оглас, која спровела постапка за административна селекција, за полагање испит, проверка на веродостојноста на доказите и одржала интервју со кандидатите. Комисијата за донесената одлука со тоа, како што се тврди, ги злоупотребила своите овластувања и му овозможила на кандидат кој не ги исполнува условите утврдени во Конкурсот и актот за систематизација на Министерството за правда да се најде на листата за избор.

Тие бараат таквото однесување на Комисијата, за коешто сметаат дека е противправно, да биде истражено и да бидат земени на одговорност одговорните. Според нив, Комисијата злоупотребувајќи ги своите законски овластувања извршила противправно бодирање при административната селекција и овозможила на кандидат кој не ги исполнува „посебните услови“ да полага испит и спровеле интервју и на крај членовите на Комисијата да го довршат, како што се наведува, започнатото кривично дел да изготват „Конечна ранг листа“ на кандидати од сите фазии на селекција.

По овие наводи побаравме одговори од Министерството за правда на прашањата „Дали унапредувањето на Арбреша Селими во државен советник е извршено согласно актот за систематизација на работни места во Министерството за правда и објавениот Конкурс каде се наведени општите и посебните услови? Дали сега државниот советник Арбреша Селими има работно искуство согласно Конкурсот како услов за унапредување, а имајќи во предвид дека е вработена во министерството од 13.02.2024 година? и Дали објавениот Конкурс е компатибилен на условите за унапредување утврдени во Актот за систематизација на работните места, посебно во делот на ЕКТС кредитите кои се потребни?“.

Од Правда брзо одговорија дека се работи, како што наведуваат, за неточни информаци, бидејќи станувало збор за јавен а не за интерен оглас.

„Државниот службеник Арбереша Селими во Министерството за правда не е распоредена на работното место државен советник за управно
законодавство по пат на унапредување. Арбереша Селими на работното место со звање државен службеник е распоредена по спроведена постапка по јавен оглас каде може да конкурира секој кој ги исполнува условите. Во јавниот оглас, кој беше објавен на веб страната на Агенцијата за администрација и во три дневни весници беа наведени општите и посебните услови, утврдени за звањето државен советник во Законот за административни службеници каде пропишаните услови за работното место државен советник за управно законодавство се утврдени во Правилникот за систематизација на работните места во Министерството за правда“, гласи одговорот што го добивме од Министерството.

Меѓутоа, брзината и делумната коректност на одговорот од Министертвото не ја појаснуваат суштината на проблемот. Поточно, во одговорот од Министерството се задржуваат само на видот на огласот, односно дали тој бил јавен или интерен. А суштината се состои во посебните услови, поточно дали Арбреша Селими има 6 години стаж во јавен сектор од кои 2 на раководно место или 10 години во приватен сектор од кои 3 на раководно место. Имајќи предвид дека според нашите сознанија Селими има вкупен стаж од 10 години, и малку повеќе од 3 месеца, нашето прашње е всушност барање на појаснување за тоа како дотичната ги исполнила условите, а не законитоста на самата постапка.

На овие дополнителни прашања, НетПресс сѐ уште не доби одговор.

Наспроти сето тоа, нашите извори велат дека во овој случај може да станува збор и за извршување кривичното дело а во понатамошната постапка според нив се вклучуил и Државниот секретар на Министерството за правда, м-р Мухамед Точи кој го извршил изборот на прворангираниот – Арбреша Селими. А како доказ за тоа ја посочуваат Одлука за избор на кандидат по јавен оглас за вработување на административен службеник бр. 04-572/2 од 02.02.2024 година.

Според нив, противправноста на однесувањето на членовите на Комисијата и на Државниот секретар, се докажувала и со наводно пречекорување на нивните овластувања кога не ги примениле Посебните услови утврдени во Конкурсот од 2023 година, односно: Ниво на квалификациите VI А според македонската рамка на квалификации и најмалку 240 кредити стекнати според ЕКТС или завршен VII/1 степен, правни науки: – Најмалку 6 (шест) години работно искуство во струката од кои најмалку 2 (две) години на раководно работно место во јавен сектор, односно најмалку 10 (десет) години работно искуство во струката од кои најмалку 3 (три) години на раководно работно место во приватен сектор, според Конкурсот од 2023 година.

Притоа, се јавува сомневање дека во Министерството намерно во овој случај не побарале доказ за посебните услови во конкурсот и актот за систематизација. Покрај тоа, се наметнува и прашањето зошто во актот за систаматизација постојат едни општи услови, а во Конкурсот кој е објавен има други, како и дали е тоа законски?

Но без да се навлегува во тоа дали во конкретниот случај има реална основа за прогон, како што уверуваат изворите, ваквите сѐ побројни појави последниве месеци на поставување партиски кадри на раководни позиции и функции, освен што се одразуваат на (не)квалитетот во работењето на институциите, создаваат и штета на Буџетот, имајќи предвид дека примањата на таквите кадри – нивните плати заедно со другите додатоци, кои се зачително зголемени последниот период. А, секако, мора да се укаже на тоа дека ваквите постапки, освен што се недемократски и ги игнорираат прописите и законите, сѐ повеќе ги оптоваруваат и заробуваат институциите со партиски војници и покрај декларативните заложби дека со нив треба кончено да се прекине.