Партизан по седми пат е шампион на АБА лигата

Кошаркарите на белградски Партизан ја освоија шампионската титула во АБА лигата по седми пат во историјата, победувајќи го градскиот ривал Црвена ѕвезда со 96:85 (30:18, 24:16, 21:34, 21:17)) во петтиот решавачки натпревар од финалето на плејофот пред повеќе од 22.000 гледачи во „Штарк Арена“.

Избраниците на Жељко Обрадовиќ веќе по 10 минути имаа 12 поени предност пред своите гледачи и со „тројки“ ја разбија одбраната на Црвена ѕвезда, за на полувреме да заминат со предност од 20 поени (54:34). Црвена ѕвезда одигра многу подобро во преостанатиот дел од натпреварот, намалувајќи ја негативата на седум поени до крајот на третиот период, постигнувајќи исто толку поени како и во првите две четвртини (34). Избраниците на Душко Ивановиќ на шест минути до крајот стигнаа до заостанување од 4 поени (75:79), но играчите на Партизан не дозволија целосен пресврт.

Кевин Пантер беше најдобар стрелец и играч на натпреварот со 32 коша. Зак Ледеј постигна 15, а Џејмс Нанали 12 поени за победниците. Огњен Добриќ со 18 поени и Бенџамин Бентил со 15 поени ги предводеа стрелците на Црвена ѕвезда, чија серија од три титули во АБА лигата беше прекината вечерва, натпреварување кое овој клуб го освои шест пати во последните седум сезони.

Со седум титули и уште три финалиња, Партизан е најуспешниот клуб во историјата на ова регионално кошаркарско натпреварување, пред Црвена ѕвезда, која има шест титули и три втори места.

Кај хрватските клубови најуспешна е Цибона со една титула (2014) и уште три порази во финалето, додека Задар триумфираше во своето единствено финале (2003). Четири пати во финалните натпревари беше поразена Цедевита од Загреб.