Партизан загуби во драматичен меч со Милано

Партизан направи уште еден голем чекор наназад во борбата за плејофот од Евролигата откако „црно-белите“ загубија на вечерашното гостување против Милано со минимални 85-83. АБА-шампионот има за што да жали бидејќи ова беше уште едно во низата гостувања во кои избраниците на Жељко Обрадовиќ одиграа егал во целиот меч, за во последните минути да претрпат пораз. За болката да биде уште поголема, човек на одлука беше поранешниот плејмејкер на Црвена Звезда, Американецот Нејпир кој ги постигна клучните седум поени во завршницата.

Имено, Анѓушиќ погоди за водство на Партизан од 78-80, но веќе во следниот напад Нејпир беше прецизен од далечина и го врати Милано во водство (81-80). Американецот триесетина секунди подоцна погоди и две слободни фрлања за 83-80, но Ледеј со „два плус еден“ израмни на 83-83 на 28 секунди до крајот. И повторно на сцена стапи Нејпир, кој ја задржа топката цел напад за пред самиот истек прецизно да погоди од далечина и да донесе водство од 85-83. Ледеј се претвори во трагичар откако тргна сам против сите иако имаше слободни соиграчи, Американецот на Партизан го промаши последниот шут што значеше и нов пораз на „црно-белите“ во елитното европско натпреварување.

Шилдс и Миротиќ беа најефикасни во победничкиот тим со по 19 поени, додека херојот Нејпир го заврши мечот со 15 поени. Кај Партизан најдобри стрелци во новиот пораз беа Аврамовиќ со 19 и Кабокло со 13 поени.

Панатинаикос ја оправда фаворитската улога против Асвел триумфирајќи на домашен терен со убедливи 85-67. Првото поллувреме мина во израмнета битка, ПАО замина на одмор само со „плус два“ (38-36), но затоа избраниците на Атаман доминираа во преостанатите 20 минути и заслужено стигнаа до победата. Американецот Грент со 21 поен беше прв стрелец на ПАО, 17 поени постигна Лесор, додека најефикасен кај Асвел беше Де Коло со 15 поени.

Басконија доминираше од почеток до крај и заслужено славеше против Алба со убедливи 88-71. Монеке ги предводеше стрелците на Басконија со 16 поени, еден помалку постигна Вања Маринковиќ, додека Милер Мекинтајер стигна до нов дабл-дабл, овојпат изразен со 14 поени и 10 асистенции.