Патник на летот на азербејџанската воздухопловна компанија „Azerbaijan Airlines“ кој се урна во Казахстан изјавил за Reuters дека се слушнал барем еден силен удар додека авионот се приближувал до планираната дестинација Грозни во јужна Русија.
Летот „Ј2-82433“ се урна во близина на казахстанскиот град Актау во средата, откако се пренасочи од област во јужна Русија каде Москва изминаитите денови постојано користеше системи за противвоздушна одбрана против украински беспилотни летала.
„Мислев дека авионот ќе се распадне“, сведочи Субхонкул Рахимов за Reuters од болницата, додавајќи дека кога ја слушнал експлозијата, веќе почнал да се моли и да се подготвува за крајот.
Руските власти објавија дека се пронајдени двете „црни кутии“ кои ги снимаат разговорите во пилотската кабина и податоците за летот, и велат дека е важно да се почека до завршување на официјалната истрага за да се сфати што се случило.
Четири извори наводно запознаени со прелиминарните наоди на азербејџанската истрага изјавија за Reuters во четвртокот дека авионот наводно по грешка бил соборен од руската противвоздушна одбрана.
Азербејџанска авиокомпанија суспендираше голем број летови до руските градови во петокот и рече дека верува оти „надворешни физички и технички пречки“ е причината за несреќата.
Шефот на руската Федералната агенција за воздушен транспорт (Росавијација) Дмитриј Јадров откри во петокот нови детали за падот на авионот на „Azerbaijan Airlines“ во регионот Актау.
Авионот не можел да слета на аеродромот во Грозни поради режимот „Ковер“, кој предвидува итно полетување на сите авиони од наведената област. Воведен е поради обидот на украинските тајни служби да извршат терористички напади врз цивилната инфраструктура во руските градови Грозни и Владикавказ, кои претходните седмици беа цели на украински удари со беспилотни летала, соопшти Росавијација.
На денот на катастрофата, ситуацијата во областа на аеродромот Грозни била тешка: густа магла, и без видливост на надморска височина од 500 метри. Капетанот на авионот се обидел двапати да го приземји авионот, а потоа решил по сопствени избор да лета до аеродромот во Актау, соопшти Росавијација.
Росавијација соопшти дека на капетанот на авионот му биле понудени други аеродроми за принудно слетување, но тој го избрал казахстански Актау. Русија веднаш ги информирала своите колеги од Казахстан и Азербејџан за целосната и сеопфатна подготвеност да соработува во истрагата за авионската несреќа.
Во азербејџанскиот авион кој се урна близу аеродромот Актау, пред падот експлодирала боца со кислород, изјави во петокот казахстанскиот министер за транспорт Марат Карабаев, цитиран од Sputnik Казахстан.
Според Карабаев, ова се случило во патничката кабина, а луѓето таму почнале да губат свест. Директорот на кулата за контрола на летањето во Актау добил информација за инцидентот во 10,53 часот полокално време.
„Веднаш, директорот на контролата на летањето на Казаеронавигација ги известил сите служби за итни случаи – противпожарната бригада и медицинскиот персонал – за пристигнувањето на авионот со инцидент на аеродромот во Актау“, рекол министерот.
Патничкиот авион „Embraer“ летал од Баку, главниот град на Азербејџан до Грозни во јужниот руски регион Чеченија, пред нагло да го промени курсот и да прелета стотици милји преку Каспиското Море. Се урна на спротивниот брег по „несреќа што веројатно е предизвикана од удар на птици“, соопшти претходно руската агенција за контрола на воздушниот сообраќај Росавијација.
Запрашан за извештаите дека руската противвоздушна одбрана по грешка го соборила леталото, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во петокот рече дека нема што да додаде и дека не сака да дава никакви проценки додека не заврши официјалната истрага.
Летот Ј2-8243 на „Azerbaijan Airlines“ летал стотици милји од својата закажана рута од Баку, главниод град на Азебејџан, до Грозни во руска Чеченија, уривајќи се на спротивниот брег на Каспиското Море, по, како што соопшти руската авијација, вонредна состојба која можеби била предизвикана од судар со птица.
Официјални лица не објаснија веднаш зошто го преминал морето, но до несреќата дојде откако украински беспилотни летала овој месец го погодија регионот Чеченија во јужна Русија. Најблискиот руски аеродром на патеката на летот на авионот бил затворен за сообраќај во средата наутро.
Во несреќата загинаа 38 лица, а преживеаја 29 патници од авионот, од кои некои се тешко повредени. На видео снимката од несреќата се гледа како авионот од Азербејџан паѓа од мала височина покрај брегот на Каспиското Море, неуспевајќи да стигне до блискиот аеродром Актау.
Во меѓувреме во четвртокот во Казахстан започна идентификацијата на телата жртвите. Во авионот „Embraer 190“ имало пет членови на екипажот и 62 патници, од кои 16 Руси, меѓу кои и 11-годишно девојче, 37 државјани на Азербејџан, шест од Казахстан и тројца од Киргистан. Според Министерството за здравство на Казахстан, преживеале 29 лица. Девет повредени Руси со специјален лет на Министерството за вонредни состојби се пренесени на лекување во московските болници.