Со барањето за рехабилитација на Бугарите жртви во комунизмот, Бугарија сака да докаже дека по 1945-та година во Македонија има дебугаризација и присилна Македонизација. Со тоа сакаат да докажат дека ние сме еден народ и дека македонската нација е вештачка, посочи поранешниот член на историската комисија, Ванчо Ѓорѓиев во вечерашното гостување на емисијата „Заспиј Ако Можеш“ на Телевизија Алфа.
„Настојувањето на Бугарија за вметнување на Бугарите во македонскиот Устав е само уште една стратешка позиција да добие Бугарија и нема никаква врска со договорот за добрососедство и пријателство. Целиот овој настан што Бугарија сака да го направи е пародија. Бидејќи во Бугарија моментално има негирање на пресудите од судот за човекови права за македонците во Бугарија“, истакна Ѓорѓиев.
Тој додаде дека ова како и многу други прашања коишто произлегоа отпосле, не се воопшто прашања коишто произлегуваат од договорот за добрососедство и пријателство помеѓу Македонија и Бугарија. Туку се прашања отпосле наметнати еднострано од рамковната позиција изгласана во Бугарскиот парламент.
„Целиот корпус на прашања или патоказ 5+1, сето тоа е обид да се направи анекс кон договорот. Што претставува дека Бугарската страна е незадоволна од тоа што е потпишано во договорот за добрососедство и пријателство. Бугарија сега се обидува договорот да го дополни и прошири односно да направи анекс на договорот со давање на нови услови за Македонија“, заклучи Ѓорѓиев.