
Патот „Богородица“ – Солун е деблокиран, а мигрантите од дивите кампови во Идомени се тргнати.
Како што информира МИА, утрово околу 8. 30 часот грчката полиција го деблокира меѓународниот пат до Солун кој изминативе два дена беше запоседнат од бегалците во дивите кампови во Идомени и околината на Поликастро.

Барикадите кои се наоѓаа на два километри во грчка територија утрово се тргнати и сообраќајот е целосно нормализиран и на грчка територија.

На граничниот премин „Богородица“, немаше гужви поради блокадата на патот во Грција кој редуцирано се одвиваше по алтернативни селски и полски патишта по кој минуваа лесните автомобили, а камионите беа приморани да чекаат.

Илегалните мигранти го блокираа патот со барање да биде отворена за нив македонско-грчката граница што е во спротивност со постигнатиот договор меѓу Брисел и Анкара кој почна да се применува од вчера.