Убеденоста на Вашингтон во можноста да нанесе невозвратен ткн превентивен ракетен удар врз Руската Федерација во случај на директен конфликт е „многу опасна глупост“, Русија поседува уникатно оружје со кое е во состојба да го уништи секој противник, вклучително и САД, доколку биде загрозено нејзиното постоење, предупреди влијателниот секретар на рускиот Совет за безбедност, Николај Патрушев.
Тоа е одговорот на Патрушев во интервјуто објавено во понеделникот во весникот Российская газета, на барањето да го коментира пишувањето на бројни западни медиуми од минатата седмица дека претходно во март, според интернет ресурсот за следење летови FlightRadar24, американски стратешки бомбардер со нуклеарно оружје „B-52H Stratofortress“ извел симулиран нуклеарен удар врз Санкт Петербург од оддалеченост од 200 километри над островот Готланд во Балтичкото Море.
„Поради некоја причина, американските политичари кои се заробени во сопствената пропаганда остануваат убедени дека во случај на директен судир со Русија, САД се способни да изведат превентивен ракетен удар по кој Русија повеќе нема да може да одговори. Тоа е кратковида глупост, и притоа многу опасна“, вели Патрушев.
Секретарот на рускиот Совет за безбедност истакна дека на Западот „ги заборавиле лекциите од историјата“ и зборуваат за „воена победа“ над Русија.
Но истовремено посочува дека Русија е „трпелива“ и оти „никого не заплашува“ со сопствената воена предност, но оти поседува уникатно модерно оружје, способно да уништи секој непријател, вклучително и САД, доколку е загрозен нејзиниот опстанок.
„Заборавајќи ги уроците од историјата, некои на Западот веќе зборуваат за реванш, кој ќе доведе до воена победа над Русија.