Полскиот премиер Матеуш Моравјецки и вицепремиерот Јарослав Качински, чешкиот премиер Петр Фиала и словенечкиот премиер Јанез Јанша пристигнаа во Украина и се упатуваат за Киев, соопштија во вторникот од кабинетот на полскиот премиер.
„Пред околу еден час возот на премиерот, вицепремиерот за безбедност Јарослав Качински и премиерите на Чешката Република и Словенија ја преминаа полско-украинската граница“, објави канцеларијата на Твитер.
Лидерите треба да се сретнат со украинскиот претседател Володимир Зеленски и премиерот Денис Шмихал во Киев. Целта на состанокот е да се изрази недвосмислената поддршка на Европската унија за суверенитетот и независноста на Украина и да се разговара за широк пакет мерки за поддршка.
Според портпаролот на полската влада Пјотр Милер, средбата била договорена по консултации со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, со цел да се испрати „силен сигнал за мир“.
Одлуката на премиерите на Полска, Словенија и Чешка во втоникот да утпатуваат во Киев за да ја поддржат Украина во војната со Русија била подготувана во строга тајност и станува збор за „ризичен но и многу храбар потег“ на Матеуш Моравјецки, Јанез Јанша и Петр Фиала, пишува словенечкиот неделник Demokracija.
„Четворицата храбри на патот тргнале свесни дека на коцак не е само Украина и дека Украинците не ја бранат само својата татковила туку и другите држави, особено оние кои се блиску до руските граници“, се додава во текстот.