Американската централна банка Federal Reserve (Fed) можеби ќе мора дополнително да ги крене темелните каматни стапки за да го осигури зауздавањето на инфлацијата во САД, изјави во петокот нејзиниот претседател Џером Пауел.
На состанокот на челниците на најзначајните централни банки во светот во американски Џексон Хол, Пауел изјави дека функционерите на Fed ќе „продолжат да бидат внимателни додека се носат одлуките дали дополнително ќе ја заоструваме монетарната политика“, но, исто така, јасно назначи дека централната банка сѐ уште не заклучила дека референтната каматна стапка е доволна висока за да би биле сигурни дека инфалцијата ќе се врати на целените 2 отсто.
„Задачата на Fed е да ја намали инфлацијата на нашето посакувано ниво од 2 отсто и ние тоа ќе го сториме. Значително ја заостривме монетарната политика во изминатата година. Иако инфлацијата се спушти од својот пик, што е добредојден напредок, остана и натаму превисока. Подготвени сме дополнително да ги подигнеме каматите доколку тоа биде соодветно и имаме намера да ја задржиме политиката на рестриктивното ниво сѐ додека не бидеме сигурни дека инфлацијата одржливо се движи надолу кон нашата цел“, порача Пауел.
Во тој контекст, неодамнешните податоци зададоа и нови грижи, додаде шефот на американската централна банка.
„Будно ги следиме знаците дека економијата можеби не се лади како што се очекуваше, со особено силната лична потрошувачка и секторот на градење станови кој би можел да закрепне“, рече Пауел.
Економијата продолжува да расте над трендот, а доколку така продолжи „би можело да го загрози натамошното подзапирање на инфлацијата и би можело да ги оправда натамошните заострувања на монетарната политика“, додаде шефот на Fed.
Забелешките на Пауел укаживаат на тоа дека Fed се бори со противречни сигнали од економијата во кои инфлацијата, според некои податоци, доста забавила, без поголеми цени за стопанството, што е добар исход но ја зголемува веројатноста дека политиката на централната банка не е доволно рестриктивна за да ја приведе својата задача до крајот.
Неодамнешниот пад на базичната инфлација, којашто ги исклучува цените на храната и енергијата „беше добредојден, но двата месеца добри податоци само се почеток на она што ќе биде неопходно за градење на довербата дека инфалцијата одржливо се намалува“, забележа Пауел.
„Имајќи ја предвид големината“ на поширокиот сектор услуги, исклучувајќи го секторот на градење станови, „клучен ќе биде одреден натамошен напредок“ и веројатно ќе бара забавување на економијата за тоа да се оствари, вели шефот на Fed.
„Рестриктивната монетарна политика веројатно ќе игра сѐ поважна улога. Се очекува дека одржливото снижување на инфлацијата на 2 отсто ќе бара период на економски раст под трендот, како и одредено ублажување на условите на пазарот на трудот. Два отсто е и ќе остане нашата целена инфлација. Доследни сме на постигнувањето и одржувањето на монетарната политика којашто е доволно рестриктивна со текот на времето да ја спушти инфлацијата на тоа ниво“, порача Пауел.