Пауновски: Владата ни вети дека ќе добиеме барем уште 20 инспектори

Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски денеска изјави дека догодина бројот на нови пазарни инспектори ќе се зголеми за 20.

„Работите тргнаа од мртва точка, не само за Пазарен инспекторат туку и за другите инспекторати каде се потребни инспектори. Направена е анализа на она што е потребно. Ние имаме вишок на администрација, но тој вишок не можеме да го преземеме во инспекциските служби. Владата ни вети дека ќе ни излезе во пресрет и ќе ги добиеме барем тие 20 инспектори“, рече Пауновски одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција на Инспекцискиот совет.

Пауновски упати благодарност до медиумите што го отвориле прашањето за проблемите со кадровската екипираност. На прашањето како се снаоѓаат да одговарат на работните задачи со помалку инспектори од што им се потребни, Пауновски вели:

„Сите инспектори, молиме Бога инспекторите да бидат живи и здрави и да ги завршат работните задачи. Се што ни е дадено како задача максимално се трудиме да го испочитуваме. И она што го добиваат инспекторите како плата од граѓаните и сите ние од пазарниот инспекторат да ја завршиме работата онака како што треба.  Нема место каде што требало да се направи контрола, а не сме ја направиле“.