Павле Беловски е избран за в.д. претседател на ССНМ

Павле Беловски е избран за в.д. претседател на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) на Собранието кое се одржа во саботата. На Собранието кое за првпат се одржа онлајн Беловски едногласно е избран за претседател на ССНМ каде го наследува Ѕвездан Георгиевски кој ја водеше организацијата во изминатите две и пол години.

На Собранието е донесена и одлука за проширување на Извршниот одбор (ИО) од досегашните 9 членови на 13, пред сѐ, со синдикалните претставници од медиумите кои имаат формирано синдикални групи. Покрај Маја Јовановска, Павле Беловски, Тамара Грнчароска, Роберт Атанасовски и Теофил Блажевски кои учествуваа во работата на ИО и во изминатиот период, дел од Извршниот одбор на ССНМ во наредниот период ќе бидат и Сунаи Сабриоски, Зоран Маџоски, Марина Илиевска, Тамара Чаусидис, Теодора Цветковска, Жарко Јорданоски, Перо Момировски и Игор Стефановски.

На Собранието беа разгледани и активностите на ССНМ во минатата година, од кои беа издвоени потпишувањето на Колективниот договор со МИА, низа јавни дебати и работилници, издавање на публикацијата „Новинарството како јавно добро“ и други тековни активности поврзани со работничките права на новинарите и медиумските работници.