Собранието да расправа за пописот и да донесе измени и дополнувања на Законот за попис на населението, да се комплетираат податоците за 132.000 непопишани граѓани, а Владата да формира деветчлена експертска комисија која ќе ги провери податоците од пописот и ќе ги отстрани евентуалните грешки.
Ова го бара пратеникот и претседател на Демократски сојуз, Павле Трајанов, кој истакна дека веќе го доставил барањето до собранискиот спикер Талат Џафери.
– Да се донесат измени и дополнување на Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, со кои од пописот ќе се изостават нерезидентите. Преку вкрстување на податоците од евиденциите, но и со директен контакт со лицата кои не се попишале, да се соберат податоците согласно прашалникот за попис. Владата на Република Северна Македонија да формира Експертска комисија составена од девет члена, која во соработка со Државниот завод за статистика и другите државни институции ќе ги провери податоците од пописот и ќе ги отстрани евентуалните грешки – порача Трајанов.