Македонија беше, е и ќе остане грчка, порача грчкиот претседател Каролос Папуљас во рамките на неговото прогласување за почесен граѓанин на Воден. Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, Папуљас уште еднаш се закани дека поради барањето за уставното име, што за него претставувало иредентизам, немало да станеме членка на Европската Унија.
„Барањето за името, што значи иредентизам, го прекршува европското право, па затоа нема интеграција на нашите соседи во Европската Унија, бидејќи не ги задоволуваат ниту условите на институционалното законодавството на ЕУ. Да разјасниме, ние сакаме добрососедски односи и пријателство. Но, тоа минува низ почитувањето на историјата и институциите на Европа”, изјави Папуљас.
Прогласувањето на Папуљас за почесен граѓанин на Воден беше во рамките на прославата на како што се наведува “ослободувањето” на градот од Турците во 1912 та година.
Грчкото вето за македонската евро-атлантска интеграција беше реафирмирано и од шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас во интервјуто за неделното издание на весникот „Етнос”.