Павловска-Данева за разрешувањето на Дамева – Сега може вицепремиерот да му го одземе зборот на премиерот и тој да ја води владата!

Професорката на Правниот факултет, Ана Павловска Данева, во објава на Фејсбук го коментира контроверзното разрешување на претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева. Таа беше разрешена откако нејзиниот заменик, во нејзино присуство, иницираше гласање за нејзино разрешување. ЗА, гласаа седуммина членови на Советот, а нејзиниот заменик, Селим Адеми го презеде раководењето со денешната седница.

На контроверзниот потег на Адеми и членовите на Советот реагираа експерти, невладини организации и политички субјекти, оценувајќи го како скандалозен, противзаконски и спротивен на деловничките процедури.

„Денес потпретседателот на Судски совет и го одзеде зборот на претседателката на Советот и продолжи да ја води седницата, па ја разреши спротивно на Закон и Деловник. Сите молчат! Утре може да се случи првиот (или вториот, третиот…) вицепремиер да му го одземе зборот на премиерот и да продолжи да ја води Владата! Сите пак ќе молчат! И него ќе го пуштат низ вода. Битно нивните функции, паушали, хонорари да останат нечепнати“, напиша професорката Павловска Данева во објавата.

Таа во коментарите предлага „Владата, која има има свој претставник во Судскиот совет, Претседателот на државата (кој исто така има свој претставник кој патем е разрешен незаконски), Врховниот суд како највисока судска инстанца, правните експерти, Уставниот суд… јавно да го осудат денешниот преседан во СС“.

Професорката Павловска-Данева исто така вели дека Службениот весник не треба да ја објавува одлуката донесена во незаконита постапка, а таа треба да се оспори во управен спор со барање за изрекување времена мерка од страна на Управниот суд.