Пазарџиите заглавија во ќорсокак, дали јавната дебата ќе ги реши проблемите

Кој си поигрува со судбината на пазарџиите? Ќе се најде ли решение на горливото прашање кое ја мачи оваа категорија граѓани? Според најавите во дел од медиумите тоа би можело да се случи до утре.

Законот за трговија на зелени пазари целосно да се укине – лиценци не ни требаат, децидни се пазарџиите, кои бараат до крајот на оваа недела да се најде разврска во однос на нивните барања, бидејќи според нив Комората што ќе ги изготвува лиценците е нелегитимна и политички избрана, а Министерството за економија нема слух за проблемите.

Маја Стојановска Дашковска и Неби Ерѓул како долгогодишни закупци на тезги обвинија дека Законот содржи само обврски и давачки и не нуди никакви права за тезгаџиите.

Тие велат дека не ја признаваат Комората на трговци предводена од Екрем Долек, којашто не ги застапува нивните интереси и порачаа дека не може да биде напишан закон од канцеларија од лице коешто не работело на минус 20 и плус 40 степени.

Закупците на тезги остро одговорија дека не се согласуваат со ниту една одредба од законот, како и тоа дека најавената „лиценца“ според овој закон е формулирана како „легитимација“ во законскиот текст, што според нив е невиден пропуст на законодавецот.

Ние не сме диви продавачи затоа што уредно си го плаќаме данокот кон државата и евидентирани сме, според начин на кој ги подмируваме своите фактури кон организаторот на пазарот, велат претставниците на пазарџиите.

Во Македонија има 20.000 пазарџии кои треба да платат по 60 евра поединечно за секоја тезга, тоа се околу 1.200.000 евра кои ќе завршат во буџетот, пазарџиите прашаа каде ќе одат овие пари?

Истото прашање го постави и професотот Димитар Апасиев, кој во статус на социјалните мрежи напиша:

Комората на трговци на зелените пазари, која според новиот закон ќе стане МИЛИОНЕР (20.000 пазарџии x 60 ЕУР лиценца = 1.200.000 ЕУР!) треба да исполнува само три услова: да има вработен со средно + да има компјутер + да има гранапче под кирија од 30 квадрати . ПС. Еве како корумпираната власт безочно одработува за КВАНТАШКАТА МАФИЈА на штета на чесните ситни земјоделци!!!

 

Целосно повлекување на новиот Закон за пазари

Пазарџиите порачаа власта да не си игра со сиромаштијата и побараа веднаш повлекување на Законот за трговија на зелените пазари, поради високите трошоци кои им се дополнителен товар кој што не можат да го поднесат, но и високите глоби кои се движат од 200 до 2.000 евра за сторен прекршок.

Она што е дискутабилно во поглед на Законот за трговија на зелените пазари е и фактот што надлежното министерство за економија не беше предлагач на законот, туку истиот го предложија група пратеници во 2017-тата година, во состав Артан Груби, Весел Мемеди, Ејуп Алими и Петре Шилегов.

Пазарџиите најавија дека доколку не се повлече законот ќе започнат масовни протести и блокади низ цела Македонија.

Пазарџиите претходно ги поканија пратениците кои го гласале законот за трговија на зелени пазари да застанат на еден ден пред тезгите за, како што изјавија, да ја почувствуваат борбата за егзистенција.

Јавна дебата во Собранието

Министерот за економија Крешник Бектеши најави јавна дебата во Собранието за овој закон, откако пазарџиите го кренаа гласот против овој закон.

Една година наназад беа консултирани сите засегнати страни, пред да биде донесено законското решение за обезбедување лиценци за пазарџиите. Да ги информирам сите пазарџии  дека ова законско решение е усвоено во јануари 2018 година, а подзаконските акти и прописи се донесени во втора половина на 2018 година, а ние како министерство мора да ги почитуваме законски одредби, објасни Бектеши во гостувањето на „тв24“.

Тој смета дека министерството не е докрај запознаено со мотивите, затоа што по една година од ова решение излегоа проблеми, но сепак по бројните протести донесена е одлука да се свика јавна дебата.

Според него, пензионерите и другите лица немаат право на вршење на оваа дејност, бидејќи не е во согласност со Законот за работни односи.

Да се одложи законот за период од 6 месеци до една година

Според Љупчо Лазевски, потпретседател на групација на пазари при Стопанска комора на РМ, каде членуваат 22 пазара меѓу кои и Скопски пазар, атмосферата е тензична, бројот на тезги драстично се намалува, тезгаџиите не се доволно информирани и се откажуваат од тезгите и не склучуваат договори за закуп, бидејќи Законот бара легитимации.

Законот да се одложи за 6 месеци до година дена, во чие донесување ќе учествуваат сите засегнати страни. Во моментов варира бројката на пазарџии, зимен период е помал, лете двојна, во Велес на пример има  115 изнајмени тезги од вкупно 500.

Според него првата верзија од законот е доставена до здружението во 2015, дадени се и забелешки, но до гласањето на новиот Закон никој не ги консултирал, па дури и биле збунети што бил изгласан по брза постапка.

 Наша поента е да имаме повеќе тезгаџии, а не бројката да се намали поради новите лоши законски решенија. На пример во нашиот пазар или се пензионери или во работен однос или се стечајци или се социјални случаи, 79 не исполнуваат услови, остануваат 36. Ќе се намали бројот на тезгаџиите за 30 до 50 отсто. Исто така не може лиценцата од 60 евра да важи за сите категории подеднакво, има луѓе што продаваат 10 марули и 10 кромитчиња, но и пиљари со огромни тезги, а сепак сумата е иста, објаснува Лазевски.

Екрем Долек од Комората на трговци задолжена за издавање на лиценците тврди дека тие се против фискализација до влез на Македонија во ЕУ, а во замена понудиле полесно решение, односно новиот закон.

Во Македонија нема ни 20.000 тезгаџии според статистиката. 60 евра што треба да ги платат пазарџиите се распределни по ставки и завршуваат во буџетот на РМ. Од вкупната сума, 1357 денари се за уписи во централен регистар за секој тезгаџија, Решението за лиценцата се плаќа 600 денари во НБРМ, декларациите, односно пресметките за придонеси ќе ги изготвува комората, вели Долек.

Тој предлага да ги субвенционира лиценците, за од догодина да се знае колку се потребни, комората е непрофитна организација, да се расчистат релациите, од 2005 здружение функционираме, од кога беше затворен Битпазар,  во 2011 се регистрирани како комора на трговци и не сме оставиле тезгаџија да остане без работно место.