Пазарните инспектори не регистрирале поскапување на водата во големите маркети во Скопје

Државниот пазарен инспекторат не регистрирал зголемување на цената на флшираната вода во големите маркети во Скопје во текот на вчерашниот ден, откако имало поплаки за минимално покачување, но не и за недоволни количини, информира директорот на ДПИ Влатко Стојковски.

На новинарско прашање за евентуално изигрување од трговците поради најавениот прекин во снабдувањето во поголемиот дел од главниот град Стојкоски рече дека вчера направиле проверка кај големите маркети и кај нив немало покачување на цените, додека за малите маркети може да прават контроли ако има пријави.

– Тоа го проверивме во текот на вчерашниот ден, од тоа што увидовме поголемите правни субекти ако мислите за цените немаа промени на цените, кај помалите маалски маркети може да се оди по пријава. Да, ќе излеземе на терен и ќе го видиме тоа. Зголемување на цената на флашираната вода не е забележано од наша страна во текот на вчерашниот ден, изјави Стојкоски.

Како што дополни, за недостаток на флаширана вода генерално немало поплаки, а поплаките биле за минимално покачување во изминатите два дена.

ЈП „Водовод и канализација“- Скопје соопшти дека најавената санација на главниот цевковод во Скопје треба да почне утре рано наутро и оти се очекува да заврши за помалку од 15 часа, во кои најмногу време се одвојува за празнење и полнење на магистралниот водовод.

Без вода ќе бидат најголем дел од населбите низ градот, освен Чаир, Бутел, Радишани, Пластичарска до Американска амбасада, Визбегово, Бардовци, Железара, Автокоманда висока зона, Ѓорче Петров од СП Планет, Сарај, Шутка, Топанско поле, Новоселски пат, населба Даме Груев, Кисела Јабука, Стопански двор, Волково и Орман.

– Останатите корисиници од Скопје ќе бидат без вода, посочуваат од претпријатието.