Пејачката на британскиот бенд Girls Aloud почина на 39 години

Британската пејачка, модел и актерка Сара Хардинг почина на 39-гоdишна возраст, објави нејзината мајка на Instagram во неделата.

„Многумина од вас знаат за борбата на Сара со ракот и како таа се бореше со болеста до последниот ден. Почина денеска наутро (…) Таа беше ѕвезда која силно сјаеше, и се надеваме дека токму таква ќе ја паметат“, напиша мајката на пејачката.

Во август минатата 2020 година на профилот на Instagram на Хардинг беше објавен пост во кој таа им призна на своите обожаватели дека боледува од рак на дојката. Како што тогаш напиша пејачката, болеста ѝ била дијагностицирана на почетокот од 2020-та, но летото лекарите рекле дека туморот се проширил и на другите делови од телото.

Популарноста на Хардинг почна да расте откако во 2002 година учествуваше во телевизискиот проект „Popstars: The Rivals“, кога стана вокал на поп-групата Girls Aloud. Истата година Хардинг се најде на листата со 100-те британски убавици, според изборот на медиумите. Во својата кариера глумеше и во неколку филмови, а настапуваше и во мјузикли.