„Пејпер Мил“: Одлуката за прекин на работењето не беше лесна

Откако Инспекторатот за животна средина со решение наложи на работење со користење на метан како единствен енергенс на фабриката „Пејпер Мил“ од Кочани, управата на компанијата донесе одлука да го прекине производствениот процес на неопределено време.

Како што соопшти компанијата, во оваа фаза 120-те вработени се известени дека не треба да доаѓаат на работа заради прекин на производството, а во тек се правни консултации за понатамоно решавање на нивниот статус, согласно законите во  Македонија.

Според „Пејпер Мил“, притоа, до донесување на конечните решенија статусот на вработените останува ист, односно тие остануваат вработени во фабриката, со целосно исполнување на законските обврски кон нив, исплата на плата и придонеси.

Според генерален директор на „Пејпер Мил“, Јулијан Даскалов, одлуката за прекин на работењето на фабриката доаѓа по обемните анализи за состојбата направени од страна на управата, а по последното решение добиено од Инспекторатот за животна средина.

– Со жалење констатираме дека решението на Инспекторатот е базирано на резултатите на едно од десетиците направени мерења од страна на повеќе референтни и акредитирани домашни и странски лаборатории. Резултатите на единствената лабораторија која детектираше драстично отстапување, а кои ги уважи Инспекторатот доведоа до тоа што на фабриката и се наложи одвивање на производствениот процес само на метан, што во услови на глобална економска криза не обезбедува одржливост во работењето на компанијата – додава Даскалов.

Тој нагласува дека одлуката за прекин на работењето на неопределено време воопшто не била лесна со оглед на вложените инвестиции од седум милиони евра во изминатите пет години, инвестициите во тек – нарачаната опрема за дополнително унапредување на технолошкиот процес која е планирано да пристигне кон средината на февруари и секако судбината на 120 семејства кои остануваат без својата егзистенција.

„Пејпер Мил“ е единствената фабрика во земјава која рециклира хартија, која ако на почетокот целосно увезуваше хартија за рециклирање, денеска речиси 100 отсто откупува и рециклира хартија од и во нашата држава. Со прекинот на работењето останува неизвесен откупот на хартија за рециклирање во земјата, а фабриката се соочува и со загуби по основ на веќе договорените двомесечни нарачки за извоз на околу 2.500 тони во регионот.

– Навистина е нејасна одлуката на Инспекторатот со која нé принудуваат целиот процес на производство да го префрлиме на метан, кој патем не е достапен во земјава, па мораме како компресиран гас да го увезуваме чија цена за 5 години порасна речиси двојно. Нејасно е зошто Инспекторатот за животна средина одбира да уважи мерења на само една лабораторија, не земајќи ги предвид и игнорирајќи ги резултатите добиени од референтни и акредитирани лаборатории од ЕУ, што е спротивно на конвенциите кои ги има потпишано Република Северна Македонија со ЕУ – истакнува Даскало, додавајќи дека од самиот почеток фабриката работи целосно транспарентно и согласно законите, максимално посветено на соработка со институциите и локалната самоуправа.

Фабрика за хартија во Кочани е една од најстарите фабрики во Македонија, основана уште во 1963 година. Во составот на „Унитрајд Кластер“ со седиште во Бугарија е од 2016 година. Фабриката поседува А ИСКЗ дозвола од Министерство за животна средина, како и неколку сертификати за квалитет и екологија. Капацитетот е доволен за рециклажа на целата картонска отпадна хартија на ниво на земјата. Моменталниот капацитет е 14.400 тони годишно, а веќе се направени проекти за тројно зголемување на овој капацитет.

МИА