Пецаков: Ќе направиме индустриска зона во Охрид и ќе го зголемиме бројот туристи

Четири години Охрид е заборавен, нема нови проекти, нема ниту една капитална инвестиција, ова во четвртокот на прес-конференција го истакна Кирил Пецаков, кандидатот за градоначалник на Охрид од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

„Загрозен беше статусот на градот како заштитено културно наследство под УНЕСКО. Урбаната мафија царуваше и во Охрид за четири години се изградија преку 600 дивоградби, кои се составен дел од регистарот на дивоградби на општина Охрид, дел од нив репрезентативни и се уште видливи. Градоначалникот се сојузи со урбаната мафија, а ги стави охриѓани и нивниот интерес во заден план. Време е да и ставиме крај на мафијата, криминалот и корупцијата. Јас ќе бидам градоначалник на охриѓани и ќе го застапувам само нивниот интерес. Заштитата на културното наследство, грижа за животната средина и за езерото и градење само по закон. Време е за нов пристап и за грижа за заедничкото, за тоа што ни го оставила природата и нашите предци. Нема да дозволам во 21 век по завршување на мојот мандат да се зборува за немање на водоводи и канализации. Ќе инвестираме во инфраструктурата и ќе се насочиме кон обезбедување на основните потреби за живот. Ќе спроведам ревитализација на Студенчишкото блато, влез на Охрид во биосферен резерват и грижа за сливното подрачје на водите и реките во Охридското езеро“, рече Пецаков.

Додаде дека доколку се сака Охрид да се развива, младите да остануваат и да имаат иднина, потребно е отворање на нови работни места, коишто ќе ги генерира новата индустриска зона во Охрид, во која и локалните компании и инвеститори би пронашле интерес да го прошират својот бизнис.

„Во делот на туризмот ќе дадам максимална поддршка на угостителско туристичкиот сектор во Охрид и сите оние кои што се поврзани со туризам на некаков начин. При што со завршување на КОВИД кризата во рок од три години ќе го достигнеме највисокото ниво на бројот на туристи во Охрид, како во 2019 година и во наредните 3 години ќе го зголемиме уште за 50 отсто. Сето ова е поткрепено и врз основа на Стратегијата за туризмот изготвена од страна на факултетот за туризам во Охрид. Ќе инвестираме во образованието и образовната инфраструктура. А како новина и обврска за која се залагаме е обезбедување на бесплатен оброк за учениците до 5 одделение. Како поранешен спортист поддршката за спортот и спортските клубови во Охрид ќе биде еден од врвните приоритети. И сето ова надополнето со решавање на секојдневните проблеми и побарувањата на месните заедници и охриѓани. Време е за промени. Време е за победи. Време е да одиме напред и нижиме успеси како Охрид“, потенцираше Пецаков.