Изговрениот збор за нас има тежина. Секое дадено ветување пред Вас за нас значи завет. Оваа генерација на Локалното раководство ја презеде најкомплексната операција, а тоа е конечно раздолжување на Општина Охрид и почеток на нормално фукнционирање на Локалната самоуправа. За нас важи девизата – „Кога се сака, се може“.
Затоа денес, сакам да кажам дека зборовите ги преточуваме во дела. Општина Охрид за прв пат после долги години има НУЛА долг по основ на судски извршни решенија и од денес Општина Охрид се вбројува помеѓу малкуте институции во Република Македонија која нема заостанат долг, истакна градоначалникот на општина Охрид, Кирил Пецаков.
-При преземањето на раководењето Општината ја затекнавме со вкупен долг од околу 14 милиони евра. Оваа бројка не го вклучува долгот кои општинските јавни прептријатија го имаат. Веднаш пристапивме кон финансика консолидација и изготвување на план за раздолжување. Среќен сум што заедно со мојот тим останавме доследни на планот и денес ги гледаме резултатите од тоа.
Посветената работа вроди со плод во начинот на прибирање на приходите на Општина Охрид. Зголемувањето на приходите од повеќе ставки и домаќинското работење придонесе враќање на вкупниот долг што го имаше Локалната самоуправа кој изнесуваше околу 14 милиони евра.
Она што се чекаше за да може да се официјализира одблокирањето на Општина Охрид беше одлуката на Владата на Република Македонија со која долгот од некогашното меѓуопштинско претпријатие МЈП „Проаква“, кој припадна на двете општини, се брише и станува основачки влог на државата во ДЈП „Колектор“.
Чесно е тука да се поздрават и споменат напорите кои биле вложувани во минатите десетина години на локалните раководства за раздолжување на општината и 8те милиони евра кои Владата на Република Македонија ги додели на Општина Охрид со единствена намена за раздолжување градот чиј долг во еден период изнесувал околу 33 милиони евра.
Од се’ погоре изнесено може да се заклучи дека актуелното раководство на Општина Охрид во изминатите нешто повеќе од 2 години има самостојно без помош вратено 30% од вкупниот долг кој што го имала Општина Охрид, а притоа не заостанувајќи со реализацијата на инфраструктурните проекти, инвестициите во повеќе сфери и директната поддршка на граѓаните и здруженијата.
Овој е еден од оние моменти каде нема да бидам скромен и ќе кажам дека сум горд на себе, но и сум горд и премногу благодарен на мојот тим за постигнувањето на оваа висока цел. Цел која во идниот период кој што следува позитивно ќе се одрази за Охрид и Охриѓани.
Од овој момент па натака започнуваме попосветено да работиме и на раздолжувањето на општинските јавни претпријатија и во скоро време најавувам слична пресконференција на која ќе соопштиме за одблокирање на сметката на едно општинско јавно прептријатие.
Ќе завршам со мислата на Махатма Ганди- „Бидете промената што сакате да ја видите во Светот“, па така оваа мисла нека биде водилка кон создавање подобар и попросперитетен Охрид и подобра и попросперитетна Република Македонија, додава Пецаков.