Пецаков: Се чувствува отсуството на поддршка од централната власт, но сепак со домаќинско и одговорно работење, реализираме проекти за граѓаните на Охрид

Факт е дека Охрид години наназад мака мачи со тој долг и некако заштитен знак на Охрид е задолжувањето и нејзината блокирана сметка која што во голема мера го отежнува нормалното функционирање на општината, а со тоа секако и на јавните претпријатија, вели Кирил Пецаков, градоначалник на општина Охрид на денешната трибина во организација на ВМРО-ДПМНЕ на тема Политики за силна култура и развиен туризам.

Пецаков посочи дека иако ја наследил општината со долг од 11 милиони евра од претходниот градоначалник од СДСМ, сепак со домаќинско и одговорно работење се собираат приходи во буџетот на општината и како што рече за многу брзо време истата сметка ќе биде одблокирана.

„Последната година вложивме доста напори и да кажам се посветивме на раздолжувањето на општина Охрид, секако мачен процес, но домаќински и одговорно можеме да постигнеме големи резултати. Што значи тоа? Приходот кој што го остваруваме по однос на уредување на градежното земјиште е неколкукратно зголемен, зголемен е данокот на промети и секако со оној закон кој што беше донесен по однос на даноците за стан, куќа која што не се живее, земјоделско земјиште кое што не се обработува и градежно земјиште кое што не изградено, неколкукратно се зголемени тие приходи и суштински го олеснуваат работењето на општина Охрид по однос на финансиската состојба“, додаде Пецаков.

Истакна дека иако ја наследил општината со 11 милиони евра долг, динамиката којашто е зададена за многу скоро време ќе даде и многу позитивни резултати и посочи дека Охрид има светла иднина и наскоро може да се очекува одблокирање на сметката на градот Охрид.

Пецаков кажа и дека се чувствува отсуството на поддршка од страна на централната власт, но како што нагласи и покрај тоа неговата работа како градоначалник е да работи и да создава проекти со кои што ќе го подобри животот на граѓаните во Охрид.

„Дефинитивно постои еден потежок вид на соработка. Го чувствуваме и сметам дека Охрид како центар на култура и на историско светско природно културно наследство, би требало да има многу поголема поддршка од самата централна власт без разлика од кој од која политичка партија е. Меѓутоа наша работа како локална власт е да работиме и создаваме проекти, да пронаоѓаме начин на финансирање и сето тоа да го реализираме за подобар живот на граѓаните во Охрид“, дециден беше Пецаков.

Пецаков, рече дека досега се испроектирани 30 проекти, дел се веќе завршени а дел ќе бидат завршени до крајот на мандатот.

„Досега се направени 11 водоводни линии, 9 канализациони мрежи и секако уште многу други проекти кои на дневна основа ги работиме заедно со граѓаните од асфалтирање на улици, уредување на улици и сите оние работи кои за граѓаните се потребни“, заклучи Пецаков.