Петар Наумоски и Перо Антиќ беа во честа војна додека Наумоски беше на чело на „куќата на кошарката“, а конфликтот продолжи и во изминатите две години, откако Антиќ наместо него стана претседател на федерацијата. Препукувањата продолжија и во денешниот ден, кога Антиќ го наведе синот на Пеце како еден од оние играчи кои одбиле да се појават по повикот на селекторите во соодветните селекции, најавувајќи дури и санкција за него согласно дисциплинскиот правилник на федерацијата. Петар Наумоски реагира на ваквите обвинувања, воедно и жестоко го критикува Антиќ за односот кон кошаркарите кои треба да се негуваат бидејќи се иднина на мак-баскетот. Воедно, тој го потсети актуелниот претседател дека токму тој самиот во неколку ситуации одбиваше да игра за репрезентацијата.
„Ова што денеска го прочитавме по порталите, а го изјавија челниците на МКФ, не знам дали да се смеам или да плачам. На Тоше не му било јасно како некој не можел да се појави во репрезентацијата и да ги израдува граѓаните на Македонија!? Па одговорот седи блиску до него, нека си го праша претседателот и брзо ќе дознае како тоа некој може да го прави. И тој ветуваше пред медиумите дека ќе игра и ќе помогне на своите колеги (па дури и на него лично му вети дека ќе игра), меѓутоа никој не можеше да го разбере таквиот негов однос кон светиот дрес!!! Класична „калакурница“ владее во федерацијата“, вели Наумоски за ЕКИПА.
Тој потсети дека Ненад Димитријевиќ и во минатото калкулираше околу настапот за репрезентацијата.
„Одлуката за неиграњето на Нено не е од вчера, за да денеска излезат и го напаѓаат,односно плукаат по него. Со таквиот однос само ги затвараат сите идни можности за соработка со него, кога веќе го сметаат дека би им бил спасител и лидер во тимот, можеа да замолчат. И понатаму како во претходните 30-тина дена и да не бараат оправдување пред целата јавност за евентуалниот неуспех на претквалификациите, затоа што со тоа само ги омаловажуваат оние што ќе играат во овој циклус на натпревари и покажуваат дека немаат верба во нивните квалитети. Кого нема, без него се може и се мора… тоа е правата формула во таквите моменти. Со ваквата ситуација на неиграње на неколку поискусни играчи,вистинска одлука во вистинско време беше да му се даде простор на новиот селектор да игра со поголем дел на млади и талентирани играчи, подпомогнати од 3-4 поискусни и четири години максимално вложување во тој тим, па потоа да почнеме од нула“, порачува екс-претседателот на куќата на „кошарката“.
Петар Наумоски се осврна и на ситуацијата со неговиот син, топката префрлајќи ја назад кон федерацијата.
„Кога веќе го спомнуваат името на мојот син, јас како родител морам да реагирам и да ја известам јавноста дека тој не беше повикан од никого, никој му се јавил или пак покането преку порака, маил или нешто слично… Дополнително, тој е повреден повеќе од 35 дена (за неговата повреда на скочниот зглоб знаат во Тофаш, Дарушафака а рехабилитација прави во Македонија, значи знаат многу луѓе, не е измислена работа, само тие што треба да знаат, не знаат) и никој од МКФ се нема јавено за да го праша дали нешто му е потребно или му треба помош, за да самиот млад играч почувствува вистинска грижа од некого, за да има чуство на “враќање“. Односот, односно неодносот на МКФ е повеке од јасен за многу кошаркарски работници, меѓутоа со замолкнување на одредени новинари или лажно претставување на нештата, оваа работа не оди никаде. Неспособноста, инфериорноста и стравот од големината на другите,не водат никаде. Доколку сметаат дека со злоупотреба на позицијата што ја имаат ќе носат одлуки кои што се срамни (во најмала рака кажано), тогаш по завршувањето на мандатот ќе се види кој како ке гледа на сите нив и тоа ќе биде оценката за сработеното“, порачува Наумоски, за крај посаквајќи им среќа на кошаркарите на претстојните претквалификациски натпревари.
„На следните натпревари им посакувам среќа на нашите репрезентативци и му посакувам успех на новиот селектор, кој очигледно не знаел со кој си фаќа работа“, вели поранешниот прв човек на федерацијата.
комплетно преземено од ekipa.mk