Пекинг го повика Западот на дијалог со Русија околу Украина и предупреди дека ширењето на НАТО дестабилизира

Кинеските власти се залагаат за тоа САД и НАТО да започнат дијалог со Русија за ситуацијата во Украина и воопшто за безбедностана сфера, изјави во саботата кинескиот заменик министр за надворешни работи Ле Јученг оценувајќи дека санкциите кои Западот ѝ ги наметнува сѐ повеќе на Москва се „претерани“.

„САД и НАТО треба да воспостават дијалог со Русија за да дискутираат за суштината на украинската криза. Исто така, неопходо е да биде елиминирана загриженоста за безбедоста и на Русија и на Украина“, го цитира Associated Press кинескиот дипломат.

Зборувајќи за улогата на НАТО по крајот на блоковската идеолошка Студена војна, Ле истакнува дека „наместо да престане да постои, НАТО продолжи да зајакнува и да се шири“.

Русија во декември минатата година на САД и НАТО им даде писмен предлог-договор, кој беше практично одбиен, со кој бараше гаранции за својата безбедност, меѓу другото запирање на приемот во Алијансата на соседните земји, во прв ред Украина и Грузија, повлекување на стратешките системи од земјите близу руските граници и повлекување на странските трупи од земјите кои станале членки по 1997 година, односно земји од поранешниот Варшавски пакт.

„Алијанската учествуваше во конфликти во земји како Југославија, Ирак, Сирија, Авганистан….“, истакна кинескиот дипломат.

Ле, исто така, го подржува ставот на Москва во врска со ширењето на НАТО, велејќи дека Северноатлантскиот сојуз не би смеел веќе да се шири кон истокот и да стерува нуклеарна сила, како што е Русија, „во ќошот“.

„Не е тешко да се предвидат последиците од движњето во оваа насока. Кризата во Украина е предупредување токму за тоа…. Тежнеењето (на НАТО) за апсолутна безбедност води токму до апсолутна несигурност. Последиците од туркањето на една голема земја, особено нуклеарна сила, во ќош може да доведе до несогледливи последици“, предупредува Ле.

Кина и покрај постојаните притисоци и апели од САД не ја осудува руската воена операција во Украина, ниту ја нарекува „инвазија“ како што ја дефинира Западот, иако повеќепати изрази голема загриженост поради војната.

Пекинг, исто така, се противи на сеопфатните економски и финансиски санции наметнати на Русија поради Украина, сметајќи ги еднострани и порачувајќи дека тие не се одобрени од Советот за безбедност при Обединетите нации, каде што Русија и Кина како постојани членки имаат право на вето.

„Санкциите стануваат сѐ повеќе претерани. Историјата повеќепати покажа дека санкциите не можат да ги решат проблемите. Санкциите само ќе им наштетат на обичните луѓе, ќе влијаат на економскиот и финансискиот систем… и ќе ја влошат голобалната економија“, оцени Ле на безбедносен форум во Пекинг додавајќи дека на руските државјани „без причина“ им се одземаат сопственостите во странство.