Висок кинески медицински експерт изјави во средата дека не постојат основи за обвинување на Кина дека не соработувала со меѓународните стручњаци коишто Светската здравствена организација (СЗО – WHO) ги задолжил да ги истражат потеклото на Covid-19.
По објавувањето на резултатите од заедничкото истражување на потеклото на коронаврусот SARS-CoV-2 како патоген на болеста Covid-19, кој го објавија Кина и СЗО во вторникот, генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејезус, изјави дека Пекинг наводно им ускратил достап до некои податоци на меѓународните истражители.
Меѓутоа, Лијанг Ванијан, еден од водачите на заедничкото истражување, изјави за новинарите дека научниците од двете страни имале пристап до исти податоци во текот на целата истрага и дека тврдењата за ускратување на пристапот не се точни.
„Секако, според кинеските закони, некои податоци не можат да бидат однесени или фотографирани, но кога заедно ги анализиравме во Вухан, сите можеа да ја водат базата на податоци, материјалите – сѐ беше направено заеднички“, изјави Лијанг.
Одговарајќи на тврдењата дека експертите немале пристап до целосните податоци и примероци, Лијанг рече дека ниеден научник никогаш ги нема совршените инфорамции.
Ги отфрли, исто така, и обвинувањата дека објавувањето на заедничкиот извештај е намерно одложено, објаснувајќи дека двете страни морале да ја проверат „секоја реченица, секој заклучок, секој податок“ пред објавувањато.
„Во текот на целото време се придржувавме до принципот ‘квалитетот на прво место’’, рече Лијанг, шеф на кинеската стручна комисија за Covid-19.
Заедничкото истражување заклучило дека Covid-19 најверојатно потекнува од лилјаци и дека на луѓето веројатно минал од некој друг посреден животински вид. Заклучено е, исто така, дека е потребно дополнително да се истражи дали болеста потекнува од фарми на диви животни во Кина и во југоисточна Азија.
Лијанг изјави дека Кина ќе продолжи да работи на утврдувањето на потеклото на болеста, но дека кинескиот дел од истражувањето е завршен и дека вниманието треба да се насочи на другите земји. Истакна дека потеклото на болеста не може да биде утврдено прекуноќ.
„Постојат многу болести коишто долго циркулираат, а сѐ уште не е утврдено нивното потекло. Потребно е уште многу време“, заклучи Лианг.