Пелистер го урна Вардар во Скопје, трката за титулата продолжува (ФОТО)

Нема потреба од математики и пресметки, титулата во македонската ракометна Суперлига ќе се решава на терен и тоа во Битола. За тоа се погрижи Пелистер во денешното дерби во „Јане Сандански“, совладувајќи го Вардар со 24-23, со што го презеде водството на табелата со 10 бода, два повеќе од вечниот ривал.

Пелистер го одигра најдобриот натпревар во дуелите со Вардар и првпат победи во Скопје по долго време. Клуч за успехот беше цврстата одбрана и момчето кое до минатото лето беше црвено-црно – Марко Кизиќ! Новиот голман на Пелистер запиша осум интервенции, сите во второто полувреме, неколку од нив во важни моменти, вклучувајќи и еден седмерец.

Тоа го оневозможи Вардар да се врати и да парира на Пелистер, кој беше константен во нападот и ретко правеше грешки. Во 46. минута се одлепи на 19-16 што претставуваше највисока предност дотогаш за кого било во натпреварот, а водството достигна 24-20 во 56. минута. Изгледаше дека работите се јасни, меѓутоа вардарци со последниот здив направија серија од 3-0 и на 60 секунди до крајот го вратија на маса прашањето за исходот. Имаа и напад за реми, но Кизиќ го одржа Пелистер во позитива.

Тврдо беше и првото полувреме, во кое Вардар имаше водство и со 9-7, но Пелистер не дозволи да загуби контрола и не само што ја анулира негативата, туку и го презеде водството со 12-11 на паузата. Најголема поддршка за Кизиќ беа Рениер Табоада и Стипе Мандалиниќ, првиот со шест, вториот со пет гола. Кај Вардар шест постигна Тимур Дибиров, пет даде Куни Моралес, а Мартин Томовски и Борко Ристовски заедно имаа седум интервенции.

Во шестото коло, на 30 април во Битола, Пелистер со предност ќе влезе во реваншот со Вардар, секако, под услов и двете екипи да ја оправдаат фаворитската улога во преостанатите средби со ривалите од плеј-офот. Во таква ситуација на битолчани ќе им одговара и нерешено, а гол-разликата нема да биде тема на разговор.

Извор/ фото: Спорт1.мк