
Составот на Пелистер ја остави зад себе разочарувачката партија против МЗТ Скопје во дербито во Суперлигата и попладнево експресно им се врати на победите и тоа против Феникс 2010 кој настрада во Битола со 100:58.
Избраниците на Илиевски имаа контрола, доминација во играта од првата до четвртата четвртина која им овозможи триумф од дури 42 разлика. Прв стрелец беше Крстајиќ со 18 поени, Малешевиќ и Гуроски реализираа по 13, Стајиќ додаде 12, а Караџовски 11 кошеви.
Кај поразените Митревски и Димитриески постигнаа по 13, односно 12 поени. Во оваа шеста рунда од Суперлигата ќе се соочат уште МЗТ Скопје-ТФТ и Гостивар-Еуро Никел.